Техеран 70-сетти години на минатиот век / фото илустрација: „Нова Македонија“

Историските корени и современите димензии на антагонизмот меѓу Иран и САД

  • Од државниот удар во 1953 година и поддршката на САД за иранскиот шах Пахлави, преку траумата од заложничката криза (1979–1981) кога група наречени „револуционерни студенти“ ја нападнаа американската амбасада во Техеран и држеа 52 дипломати и службеници на САД како заложници цели 444 дена, до современите идеолошки, геополитички и симболички судири, антагонизмот меѓу Иран и САД останува перманентна линија на блискоисточната геополитика и жива меморија што ја обликува нивната надворешна политика и денес

Антагонизмот меѓу Иран и САД, значи, не е резултат само на современи конфликти или нуклеарни преговори туку има длабоки историски корени во американската поддршка за шахот Пахлави и неговиот режим, наспроти теократскиот на ајатоласите. Тој антагонизам не е минлив политички спор, туку трајно вграден елемент во колективната меморија на иранското општество, претворен во идеолошки симбол и геополитичка реалност што постојано ја обликува нивната надворешна политика, односно нивниот заемен однос.
За Иран, тој симбол претставува потсетник на понижувањето и наметнатата модернизација, доказ за западното мешање и непочитување на народната волја. За САД, пак, Иран е перципиран како неограничен енергетски ресурс, а во јавноста Вашингтон го претставува како опасен непредвидлив противник, кој преку својата револуционерна реторика и регионално влијание го доведува во прашање регионалниот и светски мир. Така, антагонизмот меѓу двете држави се претвори во долгорочна оска на блискоисточната геополитика, обременета со историски трауми, идеолошки судири и симболички наративи што продолжуваат да ги хранат недовербата и конфронтацијата и денес. Тој е повеќе од политички спор како една идеолошка и теистичка историска рана и постојан фактор што ја дефинира динамиката на односите меѓу Иран и САД.

Симболите на понижувањето: шахот, САВАК и американската сенка

Постои длабок и траен антагонизам меѓу теократски Иран и либерални САД, чиј корен не е само во идеолошки судирот туку и во историските трауми што оставиле длабоки белези врз иранското општество. Американската поддршка за шахот Мохамед Реза Пахлави и неговата власт претставуваше еден од најзначајните моменти на западно вмешување во Блискиот Исток. По Втората светска војна, САД го гледаа шахот како клучен бедем против ширењето на советското влијание и го снабдуваа со финансии, оружје и дипломатска заштита, претворајќи го во симбол на нивната геополитичка стратегија.
Клучен пресврт беше државниот удар во 1953 година, организиран од ЦИА и британската MИ-6, со што беше соборен премиерот Мохамед Мосадек, човекот што ја национализираше иранската нафтена индустрија и се обиде да ја врати економската независност на земјата. Оваа интервенција не само што ја зацврсти власта на шахот туку и го претвори неговото владеење во жив доказ за „свиткан ‘рбет“, а од друга страна и сведоштво за западната ароганција, ефикасните механизми на западната корупција и презир кон стремежите и суверенитетот на иранскиот народ.
Во текот на владеењето на шахот на Иран, тој со помош на Западот воспостави ефикасен апарат за контрола на неистомислениците меѓу својот народ преку тајната полиција САВАК, која систематски ги прогонуваше политичките противници, интелектуалците и секој што се осмелуваше да ја доведе во прашање легитимноста на режимот. За многу Иранци, американската поддршка за оваа диктатура беше јасен сигнал дека САД не се заинтересирани за демократија и слобода, туку единствено за сопствени геополитички и економски интереси, пред сè за контрола врз нафтата и стратегиската позиција на Иран.
Оваа историска рана се вгради во колективната меморија на Иран и стана симбол на национално понижување. Таа го обликуваше антиамериканскиот дискурс што подоцна ќе стане централна идеолошка оска на Исламската револуција во 1979 година. За иранското општество, шахот и неговите западни покровители останаа олицетворение на странско мешање, наметната модернизација и потиснување на народната волја. Така, антагонизмот меѓу Иран и САД не е само политички конфликт туку и судир на сеќавања, симболи и историски трауми што продолжуваат да ја обликуваат геополитиката на денешниот Блиски Исток.
– Во еден пресуден момент, демократски избран лидер беше соборен преку тајна англо-американска операција, странските сили повторно воспоставија контрола врз иранската нафта, а автократијата на шахот беше обновена – се вели во аналитичкиот текст „Државниот удар од 1953 година: Нафтата, Мосадек и корените на иранското незадоволство“, објавен како историска анализа за државниот удар во Иран.

Револуција, отпор и понижување

Незадоволството што се наталожуваше со децении кулминираше со Исламската револуција во 1979 година, кога шахот Мохамед Реза Пахлави беше принуден да ја напушти земјата, а теократијата на чело со ајатолах Рухола Хомеини, кој се врати од егзил, воспостави нов политички поредок – Исламска Република Иран. Накусо, во голема мера беше воведено шеријатското право што зазеде значајна улога во системот на управување на Исламска Република Иран. Имено, по Иранската револуција, Иран воспоставува систем базиран на исламски принципи, особено од шиитската гранка на исламот, а шеријатот е основата, што значи дека законите мора да бидат во согласност со исламските принципи. Покрај шеријатот, постојат и современи закони (граѓански, кривични, административни), постои верска контрола во името на т.н. Совет на чувари, кој проверува дали законите се во согласност со исламот и уставот. А се разбира дека постои и врховен верски лидер, кој ја има највисоката власт. До погибелот со бомбардирањето на САД, оваа функција ја носеше Али Хамнеи, а сега неговиот син Моџтаба Хамнеи, кој има најголемо влијание врз правниот и политичкиот систем.
Сега, во очите на иранското општество, САД не се само надворешна сила туку и симбол на корупција, ароганција и потиснување на демократските стремежи. Во овој контекст, можеби е добро да се потсетиме на заложничката криза (1979–1981) кога група наречени „револуционерни студенти“ ја нападнаа американската амбасада во Техеран и држеа 52 дипломати и службеници на САД како заложници цели 444 дена. Овој чин беше претставен како одмазда за децениското западно мешање и како демонстрација на новата револуционерна моќ. За Иранците, кризата стана симбол на отпор и национално достоинство, додека за Американците претставуваше понижување и траума што длабоко ја врежа недовербата кон Иран. Така, револуцијата и заложничката криза не беа само политички настани туку историски симболи што ја зацврстија линијата на поделба меѓу двете држави. Од тој момент, антагонизмот меѓу Иран и САД се претвори во трајна оска на блискоисточната геополитика, обременета со сеќавања, понижувања и идеолошки судири што продолжуваат да ја обликуваат меѓународната сцена и денес.
– Заземањето на американската амбасада во Техеран и 444-дневното заробеништво на американските дипломати станаа пресудна траума во односите меѓу САД и Иран, обликувајќи перцепции на непријателство и недоверба со децении – се посочува во аналитичката статија „Национален безбедносен архив – потсетување на заложничката криза во Иран од 1979 година“, објавен од страна на истражувачкиот центар при Универзитетот „Џорџ Вашингтон“.

Антагонизмот меѓу САД и Иран има повеќе лица

Антагонизмот меѓу Иран и САД се разви во повеќе длабоки и меѓусебно испреплетени димензии:

1. За Иран, САД претставуваат симбол на империјализам, културна доминација и закана за суверенитетот. Исламската Република Иран ја гради својата легитимност врз отпорот кон „големиот сатана“, како што често се нарекува Америка во официјалната реторика. Оваа идеолошка рамка не е само политички став туку и дел од националната самосвест, која ја претставува револуцијата како борба за достоинство и независност од странско влијание.

2. Од американска перспектива, Иран е перципиран како закана поради неговата поддршка за антиамерикански групи, влијанието врз шиитските движења во регионот и развојот на нуклеарна програма. За САД, Иран не е само регионален противник туку и фактор што може да го наруши регионалниот аспект на американската страна на сфаќање на регионот, особено во енергетски богатиот Блиски Исток.

3. За иранското општество, Западот не ја почитува народната волја, туку ги следи сопствените империјалистички, хегемонистички, геополитички и економски интереси. Антагонизмот меѓу Иран и САД, значи, не е резултат само на современи конфликти или нуклеарни преговори туку има длабоки историски корени во американската поддршка за шахот Пахлави и неговата диктатура. Тој антагонизам трајно е вграден во политичката меморија на Иран, претворен во идеолошки симбол и геополитичка реалност што продолжува да ја обликува неговата надворешна политика и денес.

4. Некогашни сојузници, САД и Иран во последните четири децении по Исламската револуција постојано гледаат како тензиите се засилуваат, се вели во аналитички преглед објавен од „Каунсил он форин рилејшнс“, еден од највлијателните американски аналитички центри и истражувачки институти за меѓународни односи и надворешна политика. Д.Ст.