Пентагон подготвува распоредување на илјадници војници од елитната 82-ра воздушно-десантна дивизија на Соединети Американски Држави на Блискиот Исток, јавува „Ројтерс“, повикувајќи се на два извора запознаени со плановите.
Овој потег доаѓа во време кога претседателот Доналд Трамп зборува за можен договор со Иран за ставање крај на конфликтот.
Според информациите, станува збор за дополнително зголемување на американското воено присуство во регионот, со што би се прошириле опциите на Вашингтон, вклучително и потенцијално распоредување сили на иранска територија. Ваквиот развој би можел значително да ја зголеми ескалацијата на конфликтот, кој веќе неколку недели влијае врз глобалните пазари.
Изворите, кои зборувале под услов на анонимност, не откриваат конкретни локации или временска рамка за распоредувањето. Војниците моментално се стационирани во базата Форт Браг во Северна Каролина.
Од Белата куќа соопштија дека евентуалните одлуки за распоредување ќе ги објави Пентагон.
– Како што рековме, претседателот Трамп секогаш ги има на располагање сите воени опции – изјави портпаролката Ана Кели.
Според еден од изворите, засега не е донесена конечна одлука за испраќање војници директно во Иран, но се работи на зајакнување на капацитетите за можни идни операции. Се проценува дека би можеле да бидат испратени меѓу 3.000 и 4.000 војници.
Ова засилување следи по претходната одлука на САД да испратат маринци и морнари на амфибискиот јуришен брод УСС Боксер, заедно со придружни сили во регионот. Пред ова, на Блискиот Исток веќе биле распоредени околу 50.000 американски војници.
Новите информации доаѓаат откако Трамп најави „продуктивни“ разговори со Иран и ги одложи заканите за напади врз иранските електрани, иако Техеран негира дека такви разговори се одржале.
Во меѓувреме, според податоците, САД извршиле илјадници напади врз цели во Иран од почетокот на воените операции заедно со Израел на 28 февруари, што дополнително ја усложнува безбедносната состојба во регионот.
































