- Брезовски беше еден од најдобрите ракометари на Работнички кога клубот се натпреваруваше во југословенската прва лига. Играше во златната генерација на македонскиот ракомет
Ракометниот свет во Македонија се прости со уште една своја легенда. На 83-годишна возраст замина Васил Брезовски (Васе Брезо), еден од врвните играчи на ракометниот клуб Работнички од почетокот на шеесеттите години од минатиот век.
Брезовски, познат дебармаалец, како и многу други од Дебар Маало, својата спортска кариера ја почна како фудбалер, јуниор на ФК Работнички. Како член на јуниорската репрезентација на Македонија учествувал на меѓурепубличките натпревари во СФР Југославија, каде што бил оценет со највисоки оценки.
По наговор на својот професор по физичко образование Перо Алексовски, тој се насочува кон ракометот, каде што ги постигнува своите врвни резултати како член на РК Работнички, кој неколку години се натпреварува во Првата ракометна лига на Југославија. Уште на своето деби против Млада Босна од Сараево ги најавил своите голгетерски способности, а подоцна станал еден од најстандардните играчи на тимот.
Со него и неговата генерација Работнички се одржуваше во горниот дел на табелата, а една година беше финалист на Купот на Југославија, кога беше поразен од Борац од Бања Лука, неприкосновено најдобриот клуб во тогашна Југославија. Старите скопјани ги паметат натпреварите на Работнички што се играа на терени послани со земја црвеница, а подоцна на бетонска подлога. Се паметат натпреварите кога клубот водеше жестоки битки со Борац, со екипата на Бјеловар, со Загреб, со белградски Партизан или со нишки Железничар.
Брезовски ѝ припаѓа на златната генерација, која го промовираше и ги создаваше темелите на ракометот, кој подоцна прерасна во национален спорт број еден во Македонија. Меѓу другите таму беа браќата Славко и Никола Матовски, Миле Кратовалиев, Бошко Загорац, Теофил Томановиќ, голманот Жарко Ѓукиќ, Драган Геровски… Во текот на 1960-тите години повеќепати бил прогласуван за најдобар ракометар и спортист на годината во изборите на весникот „Вечер“. Како изразит леворак играч, останува запаметен како едно од најдобрите десни крила во историјата на македонскиот ракомет.
Еден од нашите најстари ракометни голмани, познатиот спортски новинар на „Нова Македонија“ Миодраг Мицковиќ, кој има брането за скопски Графичар, член на Првата сојузна лига на поранешна Југославија во сезоната 1958/1959, добро се сеќава на Васил Брезовски, со кого многупати се имаат сретнато на ракометниот терен лоциран на сегашното фудбалско игралиште на Работнички, веднаш до кејот.
– Со популарниот Брезо, со кого живеевме заедно во Дебар Маало, бевме не само добри пријатели туку и ривали на ракометниот терен. Тој беше еден од најдобрите играчи на Работнички, јас бранев за Графичар. Беше навистина одличен играч, беше роден да дава голови од крило, изразит левучар, незгоден за секој голман. Неколкупати сме играле еден против друг, не се сеќавам сега на резултатите, поминаа повеќе од 60 години од тоа време, ми има дадено повеќе голови, речиси што се вели „низ уши“, но морам да признаам дека Работнички имаше повеќе победи, во тоа време беше неприкосновен во Македонија, постојан член на Првата сојузна лига на поранешна Југославија. Брезовски играше со тогашните најдобри ракометари не само во Работнички туку и во тогашна Република Македонија. И покрај толку познати имиња, местото во првата постава секогаш беше резервирано за Васил Брезовски, кој со своите настапи и голови остави голем белег во историјата на Работнички – вели тој.
На крајот, со тешко срце можам да кажам: Збогум, драг пријателе, почивај во мир.
Васил Брезовски-Брезо е роден во 1942 година во с. Галичник, но набрзо се преселува во Дебар Маало во Скопје, каде што завршува во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ и на Машинскиот факултет. Покрај спортските достигнувања, беше успешен и ценет машински инженер, специјализиран во областа на греење, ладење и климатизација. Како проектант со богато меѓународно искуство, меѓу другото, има добиено и сертификат од Лондонската комора за проектирање и надзор. Брезовски беше и остана една од спортските, дебармаалските и скопските легенди. Н.М.































