Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ДОИГРУВАЊЕ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2026

  • Црвено-жолтите третпат ќе настапат во доигрување, а вторпат за пласман на фудбалски мундијал. Македонија в четврток ѝ гостува на Данска, победникот на тој дуел во финалето на 31 март ќе игра на гости со Чешка или со Република Ирска, а вкупниот победник ќе настапи во групата А на СП 2026, во која се Јужна Кореја, Јужна Африка и Мексико

Македонската фудбалска репрезентација вчера го имаше првиот собир за вториот настап во плејофот за пласман на едно светско првенство. Македонија в четврток ѝ гостува на селекцијата на Данска, во Копенхаген (натпреварот е од 20.45 часот), во полуфиналето на европското доигрување за пласман на Светското првенство (СП) летово во САД, Мексико и во Канада. Победникот на тој дуел во финалето на плејофот, на 31 март, ќе игра на гости со Чешка или со Република Ирска.
Македонија во плејофот за СП 2026 се пласира како победник на групата Д во лигата Ц на Лигата на нациите, а другите три репрезентации од патеката Д како второпласирани во квалификациските групи, и тоа Данска во групата Ц (победник беше Шкотска), Република Ирска во групата Ф (победник беше Португалија) и Чешка во групата Л (победник беше Хрватска).
За црвено-жолтите ова е трет настап во плејоф, а вторпат за пласман на фудбалски мундијал. Првиот пат во едно доигрување за светски шампионат Македонија настапи во циклусот за СП 2022 во Катар, кога во полуфиналето ја победи Италија со 1-0, а во финалето загуби од Португалија со 0-2, а двата меча Македонија ги играше на гости.

Победникот на оваа патека Д од европскиот плејоф (Македонија, Данска, Чешка, Република Ирска), на Светското првенство годинава ќе игра во групата А, во која ќе се сретне со Јужна Кореја на 12 јуни во Гвадалахара, потоа со Јужна Африка на 18 јуни, исто така во Гвадалахара, и со Мексико на 25 јуни, на славниот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити.
Во Европа ќе има уште три плејоф-патеки. Така, во патеката А играат Велс – БиХ и Италија – Северна Ирска, во патеката Б двојките се Украина – Шведска и Полска – Албанија, а во патеката Ц играат Турција – Романија и Словачка – Косово. Победникот на патеката А на СП 2026 ќе игра со Канада, Катар и со Швајцарија, од патеката Б со Холандија, Јапонија и со Тунис, а од патеката Ц со САД, Парагвај и со Австралија.

На СП 2026 има уште вкупно шест слободни места, четири ќе пополнат европски репрезентации, а две места има за победниците на интерконтиненталниот плејоф што се игра во Мексико, во кој неделава ќе играат Нова Каледонија – Јамајка (победникот ќе игра со ДР Конго, а вкупниот победник на СП 2026 со Португалија, Узбекистан и со Колумбија) и Боливија – Суринам (победникот ќе се сретне со Ирак, а вкупниот победник на СП 2026 со Франција, Сенегал и со Норвешка). Н.М.


ФИФА воведе ранг-листи во живо

Ранг-листите на Светската фудбалска федерација (ФИФА) сега ќе се ажурираат во живо во возбудлива и иновативна промена, што ќе значи дека гледачите ќе можат да видат каде се рангира нивната репрезентација според постигнатите голови на натпреварите низ целиот свет, објави ФИФА. По воведувањето на рангирањето во 1992 година, светските листи на ФИФА традиционално се објавуваат по последните натпревари од меѓународниот прозорец, но сега ќе бидат привремено ажурирани во реално време како што натпреварите се играат низ целиот свет Формулата врз која се базира рангирањето останува иста. Сепак, сега ќе се применува кога ќе се добијат потврдени информации за постигнати голови, веднаш одразувајќи како промената во резултатот влијае на рангирањето на селекцијата. Таа ќе ги опфаќа не само турнирите на ФИФА туку и официјалните меѓународни натпревари за мажи и за жени во сениорската конкуренција, пишува ФИФА. Рангирањето во живо ќе биде привремено и нема да биде официјално сѐ додека не се одиграат сите натпревари во меѓународниот прозорец, а откако ќе заврши тој период, официјалните рангирања ќе бидат потврдени на интернет-страницата на ФИФА. Н.М.