Фото: Македонско стоматолошко друштво

Разговор со проф. д-р Едвард Јанев, специјалист по орална хирургија

  • Воден од моето секојдневно искуство и контакт со различни профили на пациенти, можам да заклучам дека постои огромен расчекор во поглед на начинот и пристапот кон негувањето на оралното здравје, од оние кои се премногу внимателни (за жал, се во помал број) до оние кои се комплетно незаинтересирани (во значајно поголем број). Социјалниот статус, фамилијарната генеза, здравите навики, негата и свеста се дефинирачки предуслови за постигнување на позитивен став кон одржување на оралното здравје, вели д-р Јанев

Oколу 60-70% од полнолетните пациенти кои бараат помош на Универзитетскиот стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон” доаѓаат со болка, оток, гноење или крвавење, односно – кога мораат. Оваа состојба треба да се промени, истакнува проф. д-р Едвард Јанев на денешниот Светски ден на оралното здравје, кој годинава се одбележува 20. пат, по иницијатива на Светската стоматолошка федерација.
Д-р Јанев, кој од 2000 година работи како специјалист по орална хирургија на Клиниката по орална хирургија при УСКЦ и е професор на Стоматолошкиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, беше еден од четирите предавачи на „Ден на орално здравје“, Симпозиум со меѓународно учество, што го организираше Македонското стоматолошко друштво (МСД).

– Воден од моето секојдневно искуство и контакт со различни профили на пациенти, можам да заклучам дека постои огромен расчекор во поглед на начинот и пристапот кон негувањето на оралното здравје, од оние кои се премногу внимателни (за жал, се во помал број) до оние кои се комплетно незаинтересирани (во значајно поголем број). Со оглед на тоа што мојата специјалност ги опфаќа сите возрасни категории, од доенчиња до пензионери, можам интензивно да ја следам нивната патологија имплементирајќи ги сите можно достапни тераписки концепти. Социјалниот статус, фамилијарната генеза, здравите навики, негата и свеста се дефинирачки предуслови за постигнување на позитивен став кон одржување на оралното здравје – вели д-р Јанев.

Нашиот соговорник, експерт во областа на оралната хирургија и имплантологија, констатира дека околу 60-70% од полнолетните се јавуваат на УСКЦ „Св. Пантелејмон” само кога имаат болка, оток, гноење или крвавење, односно кога мораат.

– Тоа значи дека не преземале некој вид на предвремени мерки за спречување од појава на таа напредна фаза со споменатите клинички манифестации. Сепак, како хирурзи од наша страна, покрај тоа што се бориме во отстранувањето на причината која довела до таков вид на дијагноза, секогаш се обидуваме да ги едуцираме пациентите кои мерки треба да ги земат во предвид за да тие заболувања не се повторат или навремено спречат – вели докторот.

Д-р Едвард Јанев третира состојби во оралната шуплина кои можат да претставуваат т.н. фокуси (инфективни жаришта). Кај пациенти со вакви состојби може да се забележат промени во лабораториските параметри како покачена седиментација, леукоцити и ЦРП, што укажува на воспалителен процес. Доколку ваквите фокуси се присутни подолго време, тие може да влијаат врз општото здравје.

– Овие лезии се најчесто долготрајно присутни во коскеното ткиво на двете вилици и потекнуваат од нелекувани заби. Понекогаш може нагло да прераснат во сериозна инфекција, која се манифестира со покачена телесна температура, малаксаност, губење на апетит, отежнато отворање на устата, а во потешки случаи и со нарушено дишење, што може сериозно да ги загрози виталните функции. Ваквите состојби бараат итен третман, најчесто со хоспитализација и интравенска терапија – вели нашиот соговорник.

Атрактивниот дел од стоматологијата денес сè повеќе се поврзува со естетските интервенции, замената на загубени заби со дентални импланти и изработката на современи протези со помош на напредна технологија.

– Со овие услуги, покрај естетскиот изглед, овозможуваме и враќање на функцијата на загубените заби преку поставување дентални импланти. Благодарение на дигитализацијата, значително се олеснува планирањето и предвидувањето на успехот на протетските решенија. Воедно, времетраењето на третманот е скратено, па пациентите со една или две посети можат да добијат привремени или трајни протетски изработки. Компјутерската томографија, дигиталните скенери, виртуелното планирање и 3Д-печатењето денес се широко достапни и во Македонија, што овозможува работа според најсовремени методи. Сето тоа е поддржано и со континуирана едукација на здравствените работници преку работилници, семинари и конгреси во земјава и странство – вели д-р Јанев.

Д-р Јанев посочува дека финансискиот аспект често е клучен фактор за достапноста на овие услуги, особено ако се земат предвид стандардот и навиките за инвестирање во оралното здравје кај пациентите.

– Познат факт е дека здравствените работници сè почесто заминуваат во странство, најчесто поради потценетоста на нивната професија. Од друга страна, пациентите имаат бенефит, бидејќи за пониски цени можат да добијат квалитетни услуги, што придонесува за развој на денталниот туризам, особено во западниот дел од Македонија, како и во Гевгелија, Струмица и Дојран. Свесноста кај населението за современите техники и материјали значително се зголемува, па сè повеќе пациенти се информирани и ја препознаваат нивната важност. Сепак, постојат и пациенти кои поради финансиски причини не можат да си дозволат современи третмани и се одлучуваат за конвенционални терапии – укажува д-р Јанев.

Фото: Македонско стоматолошко друштво

На прашањето за иднината на професијата, проф. д-р Јанев вели дека интересот за стоматологијата останува висок, како кај домашните, така и кај странските студенти, чиј број од година во година расте на државните и приватните факултети.

– Ова природно ја зголемува конкурентноста и придонесува за подигнување на квалитетот на студиите, особено со ангажман на стручен наставен кадар. Во работата со студентите, потребно е да се стави поголем акцент на практичната настава и директната работа со пациенти, со цел стекнување побогато клиничко искуство. Сакам да ја истакнам и посветеноста на раководството на Стоматолошки факултет при УКИМ, каде преку современо опремени едукативни центри се овозможува квалитетна обука на идните доктори по дентална медицина – истакнува проф. д-р Јанев.

Живко Здравкоски