Ненад Савески денеска е избран за нов државен јавен обвинител откако во Собранието доби поддршка од 66 пратеници. Против изборот гласаа двајца пратеници, а осум беа воздржани.
Предлогот на Владата за избор на Савески за државен јавен обвинител пред пратениците го образложи вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој рече дека „на Македонија очајно ѝ се потребни правда и владеење на правото, како и подобрување на имиџот на државата и на обвинителско-правосудниот систем“.
Тој нагласи дека Савески е професионалец, докажан во својата работа и, како што потенцира, без ниту една дамка во својата професионална кариера.
На изборот претходеше расправа во која пратениците од власта и опозицијата разменија критики за тоа кој е одговорен за ниската доверба во правосудниот систем, кој прави обид за партизирање на судиите и обвинителите, се споменуваа последиците од работата на СЈО, т.н. „сваровски-судство“, се споменуваа и имињата на поранешните премиери Зоран Заев и Никола Груевски…
Пратениците од власта ги потенцираа богатата биографија и работното искуство на Савески во правосудниот систем, што исто така беше признаено од пратениците од опозицијата, кои забележуваа дека квалитетот е неоспорен, но го критикуваа системот што сака да го воспостави власта, кој, според нив, ќе го партизира Обвинителството.

































