Фото:МВР/Фејсбук

Во текот на изминатото деноноќие, полициските службеници на Министерство за внатрешни работи (МВР) лишиле од слобода девет возачи, додека со еден родител бил извршен службен разговор поради безобѕирно управување со возило.

Од вкупниот број, седум возачи биле приведени за управување без возачка дозвола, двајца за возење под дејство на алкохол, а едно лице управувало возило и покрај активна забрана за управување од Б категорија, информираа од МВР.

Според информациите од МВР, четири лица во Скопје возеле без возачка дозвола, а по едно лице е евидентирано во Гостивар, Кавадарци и Велес, каде што е регистриран и малолетник. Двајца возачи во Струмица биле затекнати како управуваат возило под дејство на алкохол, додека во Ресен едно лице управувало возило и покрај важечка забрана.

По целосно документирање на случаите, против сторителите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, да не управуваат возило без возачка дозвола, под дејство на алкохол или со изречена забрана, со цел заеднички да се придонесе за поголема безбедност на патиштата.