Повеќе од 30 часа горела главната перилница на американскиот носач на авиони „Џералд Р. Форд, при што биле повредени двајца морнари, а десетици членови на екипажот имале проблеми поради вдишување чад, објави „Њујорк Тајмс“.
Според весникот, повеќе од 600 членови на екипажот останале без кревети во дел од спалните простории на бродот поради штетите предизвикани од пожарот.
Официјални претставници на американската морнарица изјавиле дека пожарот започнал во вентилациски отвор во перилницата и брзо се проширил, но не ја оштетил погонската единица на бродот. Морнарите успеале да го локализираат и изгаснат огнот.
– Екипажот реагираше брзо и професионално и успеа да го стави пожарот под контрола. Носачот на авиони останува целосно оперативен – изјавил претставник на американската морнарица – пренесува „Њујорк Тајмс“.
Бродот, на кој служат околу 4.500 морнари и пилоти, моментално е на десеттата оперативна мисија, најдолга од Виетнамската војна. „Џералд Р. Форд“ учествува во операции на Блискиот Исток, вклучувајќи американско-израелски воени активности против Иран, по претходниот ангажман на Карибите.
Иако носачот останува оперативен, медиумите посочуваат дека долгите мисии и проблемите со одржувањето претставуваат дополнителен товар за екипажот и за бродот.































