• Балканот – регион што низ вековите бил крстопат на империи, религии и идеи, повторно се појавува во пошироката геополитичка равенка на Блискиот Исток и глобалните сили

Пред 14 века започнала историската поделба што денес повторно добива геополитичка димензија. Во време на растечки тензии на Блискиот Исток, Балканот – со својата мултирелигиска и стратешка позиција – повторно се појавува како простор каде што сабјите на глобалните интереси се пресекуваат.
Историјата понекогаш се враќа на места каде што малкумина очекуваат. Балканот – регион што низ вековите бил крстопат на империи, религии и идеи – повторно се појавува во пошироката геополитичка равенка на Блискиот Исток и глобалните сили.
Она што започнало во VII век како религиозно прашање за наследството на пророкот Мухамед, денес се појавува и како дел од современите стратегии на интерес и влијание. Поделбата меѓу следбениците на пророкот Мухамед и приврзаниците на неговиот роднина и зет Али ибн Аби Талиб, која доведе до формирање на сунитската и шиитската традиција, со векови влијае врз политиката на Блискиот Исток. Но, во ерата на глобалната геополитика, оваа поделба има рефлексии надалеку од регионот каде што настанала. Како што забележува политикологот Самјуел Хантингтон: „Конфликтите на иднината нема да бидат идеолошки или економски, туку цивилизациски“. Мисла што често се цитира и околу која се дебатира кога се анализираат современите тензии меѓу Блискиот Исток, Европа и поширокиот евроазиски простор. Меѓутоа, последниве неколку месеци сме очевидци на тоа дека токму оваа војна меѓу Иран, САД и Израел потврдува дека оваа војна е и од економска, енергетска, безбедносна, политичка природа, но и војна за територијална доминација.

Од религиозна поделба до геополитички инструмент

По смртта на пророкот Мухамед во 632 година се појавило прашањето кој треба да ја води муслиманската заедница. Дел од верниците го поддржале Али. Тие сметале дека лидерството треба да остане во семејството на пророкот, а другите, по пат на консензус го поддржале изборот на калифи. Така се формирале двете главни струи на исламот: сунитите, кои денес претставуваат околу 85–90 отсто од муслиманскиот свет, и шиитите, кои сочинуваат приближно 10–15 отсто од верниците.
Историчарот и ориенталист Бернард Луис забележал дека „конфликтите во исламскиот свет ретко се само теолошки, тие речиси секогаш се и политички“. Така, со текот на времето, религиозните разлики во исламот станале дел од политичките доктрини и стратегии на државите во регионот на Блискиот Исток.

Иран и идеолошката геополитика

Современата надворешна политика на Иран е силно обликувана од револуционерните настани од 1979 година, кога земјата го трансформира својот политички систем во исламска република. Од тој момент, Иран се позиционира како епицентар на шиитскиот свет, чија политика е комбинирана со верска идеологија, дипломатија и регионални сојузи. Познатиот американски аналитичар и стратег, советник за национална безбедност на Соединетите Американски Држави од 1977 до 1981 година, под администрацијата на претседателот Џими Картер, Збигњев Брежински, уште во 1997 година во својата книга „Големата шаховска табла“ потенцира дека „Евроазија е главната шаховска табла на која се води борбата за глобална моќ“. Во таа геополитичка „табла“, Блискиот Исток и Балканот често се поврзани преку историски, економски, енергетски, но и безбедносни процеси.

Балканот – мост меѓу цивилизациите

Балканот отсекогаш бил регион каде што се вкрстуваат и интересите на Европа и Блискиот Исток. Во Босна и Херцеговина, Албанија, Косово и во Македонија живеат значајни муслимански заедници, но исламот во регионот историски има умерен, европски и модерен карактер. Во Македонија, мултирелигискиот и мултиетничкиот модел на општество е дел од политичката реалност повеќе од три децении. Но географската позиционираност на Балканскиот Регион, сместен на крстопатот меѓу Европа и Блискиот Исток, е простор каде што глобалните случувања и кризи неизбежно се рефлектираат и врз регионот.

Бројки од безбедносните служби и политичко движење во егзил на МЕК
како буре барут

Во текот на последната деценија, Балканот се соочи со нов предизвик кога доброволци заминаа за активно да се вклучат во конфликтите во Сирија и Ирак. Според европските безбедносни извештаи, повеќе од 800 лица од Западен Балкан заминале да се борат во тие конфликти, од кои околу 150 биле од Македонија, а дел од нив подоцна се вратиле.
Од 2013 до 2016 година во Албанија беа релoцирани во комплекс како „Ашраф – 3“ околу 2.900 члена на иранската опозициска организација „Муџахедин-е-Калк“ (МЕК), позната и како Народната муџахединска организација на Иран (ПМОИ), што претставува еден од најголемите трансфери на политички групи од Блискиот Исток во Европа. Договор што е поддржан од САД и ОН. Поради присуството на овие членови на организацијата, иако е под строг мониторинг на албанските институции и меѓународните партнери, аналитичарите сметаат дека регионот станува дел од пошироката безбедносна динамика. Оваа иранска опозициска организација пет децении се наоѓа во конфликт со властите во Иран и дејствува како иранска опозиција во егзил. МЕК е дел од пошироката политичка коалиција наречена Националниот совет за отпор на Иран (НЦРИ), чиј најпознат лидер е Маријам Раџави. Оваа организација се претставува како алтернатива на актуелната власт во Иран, која често организира конференции и политички кампањи во Европа и САД. Истата таа има историски врски со режимот на Садам Хусеин со тоа што во периодот меѓу 1980-1990 година имала база во Ирак и соработувала со режимот на Садам Хусеин, кој им ги дозволувал условите да позиционираат оружени кампови, да користат воена логистика од Ирак и да учествуваат во операции против Иран. Но поради нивните активности, организацијата се наоѓала на листата на терористички организации во САД и ЕУ, но е отстранета од американската листа во 2012, а од листата на ЕУ е отстранета во 2009 година.
Во однос на ризиците од реална опасност од активноста на МАК, според безбедносните анализи, се опфатени три вида ризици, како што се пропаднатите сајбер-активности преку медиумски кампањи против иранската власт, политичките конференции и многубројните онлајн активности што претставуваа најбитната форма на нивно дејствување. Вториот вид ризик се потенцијалните можни ирански операции против нив, што може да се констатира како реален факт, ако се знае дека во изминативе години имало неколку случаи кога албанските власти протераа ирански дипломати поради сомнежи за активности против кампот на MEK. И третиот минимално опасен ризик за регионот, според повеќе европски служби, е тоа што членовите се под строг надзор, нивните активности се политичко-пропагандни, а не воени, и кампот во кој се сместени е строго контролиран и изолиран. Овие податоци укажуваат дека на балканските простори, ризикот од директни безбедносни инциденти е минимален.
Инаку, меѓународната заедница одлучи да ги евакуира членовите на МЕК од нивните кампови во Ирак по 2013 година. Тогаш се сметаше дека е потребна земја што ќе ги прифати од безбедносни и политички причини. Изборот беше – Албанија! Но зошто токму Албанија? Беа земени предвид неколку фактори, како што се нејзината блиска соработка со САД, членството во НАТО и релативната географска дистанца од Блискиот Исток. Албанија беше подготвена да ја преземе оваа улога како дел од пошироката евроатлантска безбедносна политика. Токму поради овие процени и факти, членовите на организацијата беа сместени во затворениот комплекс познат како „Ашраф – 3“, лоциран во близината на градот Драч.

Зошто токму Албанија беше избрана и зошто Балканот се смета за погоден
регион за вакви релокации

Ако се има предвид дека Балканот е чувствителен, и покрај силното американско присуство, геополитичко значење на МАК е силно и маркантно поради тоа што е жесток и директен противник на иранската власт и е лоциран на европска територија – во Албанија! Држава каде што се позначајни инвестициите на семејството на Трамп, но се поголеми и западните стратешко-безбедносни активности, регион каде што веќе е инсталирана обемна и сложена безбедносна архитектура, базата „Бондстил“ во соседството, во Косово. Уште во јуни 2022 година, албанскиот премиер Еди Рама упати повик до НАТО да учествува во финансирање воена поморска база во Драч. Во април 2025 г., Италија ѝ подари воен брод на Албанија со цел зголемување на патролите на крајбрежјето и интензивирање на учеството во мисиите на НАТО, на 4 март 2024 година во Кучово, Албанија, официјално беше отворена и воздухопловната база на Северноатлантскиот сојуз. Поради тоа, Балканот се смета за дел од пошироката геополитичка игра меѓу Иран и Западот.

Зошто големите сили повторно се на Балканот?

Геополитичката транзитна зона на Балканот, сместен меѓу Европа, Блискиот Исток и Евроазија, е регион што понекогаш се користи за сместување чувствителни политички групи или за операции поврзани со пошироки меѓународни безбедносни процеси и претставува периферен, но важен дел од стратегиската мапа на шаховската табла. За земјите од регионот, вклучително и Македонија, ваквите процеси не значат директна безбедносна закана, но покажуваат колку Балканот е поврзан со глобалните политички и безбедносни текови.
Балканот денес е место каде што се пресекуваат интересите на повеќе глобални актери. Русија ги задржува своето присуство и влијание преку енергетски, културни и православни и верски врски. Кина инвестира повеќе од 1,5 милијарда евра во инфраструктура и транспорт преку иницијативата Појас и пат, додека пак Турција ја зголемува економската и културната соработка со земјите од регионот, финансира проекти во образование и медиуми, гради влијание преку дијаспората и верските мрежи. Уште пред неколку децении, историчарот Арнолд Џ. Тојнби предупреди дека „Балканот е место каде што историјата никогаш не престанува да биде современост“.
Овие три влијателни играчи, Русија, Кина и Турција, го обликуваат современиот Балкан на различни начини. Во сложената мрежа на интереси и влијание, Балканот се наоѓа во позиција каде што секој локален потег има глобално значење, а геополитичката и економската стратегија стануваат приоритетни за безбедноста и стабилноста на регионот.

Дали постои ризик од безбедносни инциденти?

Иако Балканот не е центар на големи терористички напади во последните години, експертите укажуваат на неколку потенцијални ризици, како на пример што би можело да се случи со појавата на враќање на поранешни странски борци, понатаму за можноста со помош на пропагандата преку социјалните мрежи и интернетот да се поттикне радикализација на одредена ризична групација поради вмрежување со одредени транснационални политички и идеолошки појави поттикнати од пласман на дезинформации како еден вид хибридни операции.
Во моментов, повеќето европски безбедносни служби го оценуваат нивото на закана од ниско до умерено, но континуираното следење од страна на разузнавачките служби останува неопходно.

Македонија во новата геополитичка равенка

Како членка на НАТО, Македонија денес е дел од системот за колективна безбедност на Алијансата, што значи дека земјата не е само пасивен набљудувач на глобалните процеси, туку и активен учесник во регионалната стабилност. Американскиот дипломат и политиколог Хенри Кисинџер, кој беше седми советник за национална безбедност од 1969 до 1975 година, а потоа беше 56-ти државен секретар на САД од 1973 до 1977 година, служеше под претседателите Ричард Никсон и Џералд Форд, инаку роден во Германија и емигрирал во САД во 1938 година како еврејски бегалец, професор и експерт за нуклеарно оружје и надворешна политика, напиша: „Малите држави ретко ја создаваат историјата, но секогаш ја чувствуваат нејзината тежина“. Во современиот свет во кој глобалните конфликти се прелеваат на пошироки простори, оваа мисла звучи особено интересно и за Балканот.

Балканот меѓу историјата и иднината

Поделбата што започнала пред речиси 1.400 години меѓу следбениците на Мухамед и Али денес има значење што се протега надвор од религијата. Таа е дел од пошироката геополитичка слика на современиот свет. Балканот, со својата сложена историја и стратешка позиција, останува простор каде што се среќаваат различни интереси и наративи. Како дел од Источна Европа, интересна е мислата на основачот на модерната геополитика, Халфорд Мекиндер.

„Кој ја контролира Источна Европа, ја контролира срцевината на светот“

Прашањето не е дали регионот ќе биде погоден од глобалните процеси, туку колку успешно ќе успее да ги управува. И како што покажува историјата, поради стратешката позиција на Балканот од римските и османлиските империи до Студената војна и по неа, регионот ретко бил само периферија на големите настани и светската политика, туку токму преку овој простор доаѓаат првите сигнали. Денес, во време на нови тензии на Блискиот Исток и растечка конкуренција меѓу глобалните сили, Балканот повторно се појавува на мапата на геополитичките интереси. Историската поделба во исламот – поврзана со наследството на пророкот Мухамед и улогата на Али ибн Аби Талиб – денес се појавува не само како религиско прашање туку и како дел од пошироките политички и безбедносни процеси што се протегаат од Блискиот Исток до Европа.
И за крај повторно да го цитирам Хенри Кисинџер: „Историјата не им простува на државите што ја потценуваат географијата“. За Балканот, оваа мисла има посебна тежина бидејќи регионот отсекогаш бил повеќе од периферија на Европа – тој е простор каде што се судираат интереси, идеи и цивилизации. Во време кога конфликтите од Блискиот Исток имаат сѐ пошироки геополитички одрази, прашањето не е дали Балканот ќе ги почувствува тие влијанија, туку колку мудро ќе успее да ги управува.
Инаку, американскиот боксер и поранеше трикратен светски првак во тешка категорија Касиус Клеј (Мухамед Али) се преименува и прима ислам кога станува апсолутен светски шампион во бокс. Тој си го промени името откако пристапи на Нацијата на исламот во 1964 година, прво во сунитство во 1975 година, во суфизмот (суфизмот е мистички аспект на исламот и потекнува од зборот суфија – човек што чека искуство пратено директно од Алах). Суфизмот најчесто се среќава во Иран и Турција, но застапен е и во Македонија во теќињата на дервишите. Тоа е еден вид протестантизам на исламот, како што протестантите лутеранци се јавиле меѓу римокатоличките и православните христијани, со цел принципиелно секоја индивидуа со помалку посредници да се зближи со верата и Господ.
Колку што повеќе муслиманите се оддалечуваат од своите родни земји, каде што владее непријателство меѓу сунитите – Мухамед, и шиитите – Али, толку повеќе разбираат дека заедно се посилни и можат да остварат поголемо влијание во западната хемисфера, а да не се цивилизираат по прашања за почитување на родовите права или верската толеранција. Во таа смисла да ги разбереме новогодишните силувања, палежи и вандализмот низ ЕУ.
Секако, нападот на Иран треба да се сфати и како опомена за Саудиска Арабија да се прибере по настаните со кулите близначки во Њујорк од 11 септември 2001 година, местото на најсмртоносниот терористички напад во американската историја. И тие разбраа како Саудија (Мухамед) може да изгледа ако продолжи така. Но ова очигледно не го разбрале Иранците (Али) и сега веројатно одблиску се запознаваат. Дали властите таму ќе имаат време да му објаснат на населението? М.С.Г.