Фото: Училишна архива

Основни училишта од Прилеп, Македонија, и од Колвенд, Шкотска, во заеднички проект за безбедност во училиштата

  • По сите меѓуучилишни активности, следуваше видеосредба во живо, на која учениците првпат меѓусебно се видоа и се запознаа, а си поставуваа и
    прашања за училишниот живот во Македонија и во Шкотска. Средбата заврши со срдечни поздрави и договор за натамошни активности и нови средби. Којзнае, можеби ќе има можност и за средба со физичко присуство. Прв чекор во таа насока направија учениците од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“, поканувајќи ги другарчињата од Шкотска во нивното училиште и во нивниот град Прилеп

Второто полугодие на четвртоодделенците од 4-3 одделение од прилепското училиште „Кире Гаврилоски-Јане“ започна со една необична и интересна активност, која тие со радост ја прифатија. Заедно со нивната наставничка Кети Стевананџија правеа план, потоа пишуваа сценарио, снимаа видеоинсерти и направија краток филм со кој ги претставуваат Македонија, градот Прилеп, нивното сакано училиште, училницата и одделението.

Заедно кон иста цел – побезбедни училишта

Станува збор за меѓународна соработка меѓу споменатото и основно училиште во Колвенд во Шкотска (Colvend Primary and Kirkcudbright Primary). Наставничката Кети ни раскажа дека станува збор за проект на шкотското училиште спроведуван од страна на УНИЦЕФ, за добивање златна награда во областа на почитувањето на правата во училиштето.
– Во ноември 2025 година добив мејл од Бен Вилд, наставник во основното училиште во Колвенд. Контактот го воспоставивме преку директорката на неговата образовна установа, Александра Сторес, моја колешка од факултет. Во мејлот имаше порака со понуда за соработка меѓу училиштата, со опис за задачите. За да дојдат до целта, училиштето треба да покаже дека децата имаат разбирање за правата на децата низ целиот свет, преку соработка со училиште од друга земја – раскажува наставничката Стевананџија.
Визијата на училиштето од Шкотска во однос на овој меѓународен проект е да им се помогне на учениците да изградат и да покажат стекнати способности, преку контакти со училиште во друга земја, за да разберат дека нивните животи и искуства се исти, но и различни од оние на децата што растат во други услови и култури.
– Се договоривме околу неколку заеднички активности, со цел запознавање на нашите ученици – секој да ја претстави својата земја, своето место, град, училиште, а потоа да се претстават и учениците. Дадовме различни предлози за почеток на нашата соработка, кои беа прифатени. Станува збор за изработка на презентации, краток филм, цртежи, фотографии, уметнички дела, средби на далечина и размена на писма меѓу учениците од двете училишта – вели Стевананџија.

Краток филм во кој учениците се главни актери

Таа со радост зборуваше околу подготовките и работењето врз краткиот филм што го подготвија учениците и предизвикот да зборуваат на англиски јазик.
– Возбудата кај учениците беше голема. Текстот што го напишавме, го научивме и зборувавме на англиски јазик, за да можат да нѐ разберат другарчињата од Шкотска. Снимавме по два-три пати во неделата. Сите ученици беа вклучени, пресреќни што се вклучени во една ваква активност. Се поделивме и во пет групи, а секоја група имаше различна задача. Првата група ја нацрта картата на Македонија, втората група нашето училиште, третата група Могилата на непобедените, четвртата група Маркови Кули, а последната петта група нашето одделение. Снимавме на неколку места, како одиме на училиште, на влезот пред портретот на Кире Гаврилоски-Јане, нашите скалила со многу поуки, на бината, пред училницата, во нашата училница и секако во училишниот двор, пред муралот на нашиот патрон – раскажува Стевананџија.
Во рамките на нивните активности, тие ја искористиле и новата технологија, па благодарение на вештачката интелегенција создале песна посветена на Македонија, Прилеп и нивното училиште, која носи порака дека учениците се среќни поради безбедната средина во која учат благодарение на нивните наставници, кои на добар начин се грижат за нив.

Прва средба и запознавање

Учениците од Шкотска, пак, на нашите ученици им возвратиле со писмо полно цртежи, на кои е претставено нивното училиште, кратко видео и постер изработен од учениците од погорните одделенија.
– Кога на учениците им кажав дека добивме писмо во кое учениците од Шкотска цртале и го опишувале нивното училиште, со нетрпение очекуваа да ги видат и заедно да ги прочитаме и да разговараме за нив. Исто така возбудата беше уште поголема кога им кажав за видеото што ни го испратија, во кое едно дете ни го опишува нивното училиште, Станува збор за училиште со мал број на ученици, со престој од 9 до 15 часот, кое располага со кујна во која приготвуваат храна, а училиштето има и убав двор со лулашки – објаснува наставничката Кети.

По сите овие меѓуучилишни активности, следуваше и видео средба во живо, на која учениците првпат меѓусебно се видоа и се запознаа, а си поставуваа и прашања за училишниот живот во Македонија и во Шкотска. Средбата заврши со срдечни поздрави и договор за натамошни активности и нови средби. Којзнае, можеби ќе има можност и за средба со физичко присуство. Прв чекор во таа насока направија учениците од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“, поканувајќи ги другарчињата од Шкотска во нивното училиште и во нивниот град Прилеп.


„Колибри“ на час во 4-3

Сите овие прекрасни активности на четвртоодделенците од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ беа повод „Колибри“ да ги посети. Освен тоа, повод беше и нивниот наставен час насловен „Читаме весници“. Сите ученици во понеделникот добија задача да го набават вторничното издание на весникот „Нова Македонија“, во кој е сместено најновото издание на „Колибри“. Така, со весниците пред нив, учениците имаа можност да слушаат и да учат за новинарството, за улогата на новинарите, научија и нови термини, како лектор, редакција, цензура, тираж, а научија и која е разликата меѓу новинар и уредник, но и што е вест, кои се главните пет прашања на кои треба да одговори веста, но и што е интервју, што е репортажа, а што извештај. За тоа им зборуваше нивниот гостин, уредникот на „Колибри“, Филип Димкоски, поранешен ученик во ова училиште. Откако „се заразија“ со мирисот на весникот, учениците беа поделени во групи, а секоја група претставуваше редакција и имаше задача да создаде текст. Па така, културната редакција пишуваше репортажа за нивната посета на театарска претстава, спортската редакција подготви прашања за интервју со ракометарот Кире Лазаров, еколошката редакција пишуваше за екопатролата во нивното училиште, а редакцијата за образование подготви вест за нивната соработка со училиштето во Шкотска. Паметните главчиња смислија безброј прашања што му ги поставија на нивниот гостин и, се разбира, сите добија одговор.
Ова беше уште една средба за паметење, бидејќи како што птицата колибри најубаво се чувствува меѓу цветчињата, така нашиот прилог „Колибри“ најубаво се чувствува меѓу дечињата.