Малопродажните цени на бензините и дизелот од ноќеска на полноќ значително се зголемуваат, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, пренесе МИА.
Според новата одлука, бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“, како и екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), поскапуваат за 7 денари по литар, додека „евродизелот“ (Д-Е V) ќе биде поскап за 6,5 денари.
Со тоа, новата цена на „евросупер БС-95“ изнесува 86,5 денари за литар, „евросупер БС-98“ ќе се продава за 88,5 денари, „евродизелот“ ќе чини 92 денари, а екстра-лесното масло за домаќинство 89,5 денари за литар.
Зголемување има и кај мазутот „М-1 НС“, чија цена се зголемува за 4,867 денари, па новата цена изнесува 47,453 денари за килограм.
Од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги информираат дека со оваа одлука малопродажните цени на нафтените деривати во просек се повисоки за 8,98 проценти во однос на цените утврдени на 9 март.
Како причина за поскапувањето се наведува растот на референтните цени на нафтените деривати на светските пазари, каде што бензините бележат зголемување од околу 16,9 проценти, дизелот за 11,7 проценти, екстра-лесното масло за 13 проценти, а мазутот за околу 14,6 проценти.
Дополнително влијание има и курсот на денарот во однос на американскиот долар, кој во изминатиот период во просек изнесувал 53,2915 денари за долар, што е за околу 0,85 проценти повисоко во споредба со претходната пресметка.































