Владата на Јапонија најави дека ќе започне со ослободување на нафта од своите стратешки резерви, поради очекуваниот значителен пад на увозот на сурова нафта кон крајот на март, како последица од затворањето на Ормуската Теснина – една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта.
Главниот секретар на кабинетот, Минору Кихара, изјави дека владата ќе вложи напори нафтата од резервите непречено да се пласира на пазарот.
-Планираме да обезбедиме непречено снабдување на пазарот со нафта од резервите – изјави Кихара, а неговата изјава ја пренесе агенцијата Кјодо. Тој додаде дека владата ќе продолжи да презема сите неопходни чекори за да гарантира стабилно снабдување со енергија, преку меѓународна координација и без исклучување на какви било опции.
Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) вчера соопшти дека наскоро ќе започне координирано ослободување на нафта од резервите на 32-те земји членки, меѓу кои е и Јапонија. Според планот, на пазарот ќе бидат пласирани околу 400 милиони барели нафта како одговор на нарушувањата предизвикани од конфликтите на Блискиот Исток.
Јапонската влада исто така ќе го намали законскиот минимум на резерви што мора да го одржуваат рафинериите и трговските компании – од досегашните 70 на 55 дена. Минатата недела премиерката Санае Такаичи соопшти дека од резервите ќе бидат достапни околу 80 милиони барели нафта, што е најголемата количина досега ослободена.
Оваа количина е еквивалентна на околу 45 дена домашна потрошувачка и е речиси двојно поголема од нафтата што беше ослободена по катастрофалниот земјотрес и цунами во Јапонија 2011, кога североисточниот дел од земјата беше сериозно погоден.
Според официјалните податоци, до крајот на 2025 година Јапонија располагала со околу 470 милиони барели нафта во резерви, што одговара на 254 дена домашна потрошувачка. Од нив, 146 дена се во државна сопственост, 101 ден се резерви на приватниот сектор, додека остатокот се складира заеднички со земјите производители на нафта.
Повеќе од 90 проценти од суровата нафта што ја користи Јапонија доаѓа од Блискиот Исток, што ја прави особено чувствителна на прекини во транспортот низ Ормуската Теснина. Затворањето на оваа рута ги прекина испораките на нафта и гас од земјите во Персискиот Залив и доведе до нагло зголемување на цените на суровата нафта по почетокот на конфликтот во регионот на 28 февруари.































