Фото: Нетањаху/инстаграм

Израелските власти го анализираат францускиот предлог за можен мировен договор со Либан, кој предвидува Бејрут формално да ја признае израелската држава, а за возврат Израел да ги прекине воздушните напади и да ги повлече своите сили од неколку стратешки позиции на југот на земјата.

Станува збор за пет области во јужен Либан, спроти населбите во северниот дел на Израел, каде што израелската армија ги задржала своите позиции и покрај договорот за прекин на огнот постигнат во ноември 2024 година. За ова известуваат израелскиот весник „Хаарец“ и американскиот портал „Аксиос“.

Според извор цитиран од „Хаарец“, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху сè уште нема донесено конечна одлука дали ќе го прифати францускиот предлог. Весникот наведува и дека американски официјални претставници проценуваат дека трпението на САД во врска со конфликтот во Либан може да се намали по завршувањето на главната војна против Иран.

Ова, според проценките, остава ограничен временски период за дипломатски разговори меѓу Израел и Либан. За либанската влада, евентуалното официјално признавање на Израел би претставувало значаен дипломатски чекор со сериозни политички последици.

Порталот „Аксиос“ наведува дека францускиот предлог предвидува Израел и Либан, со посредство на САД и Франција, да започнат преговори за таканаречена „политичка декларација“, со цел во рок од еден месец да се постигне договор.

Тековниот конфликт меѓу Израел и Либан започна на 2 март, откако движењето Хезболах истрела ракети кон северниот дел на Израел. Нападот следуваше по израелските удари врз Иран.