Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со поставување на симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“, денеска во Паркот на револуцијата во Кочани почна одбележувањето на годишнината од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој на 16 март минатата година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, пренесе МИА.

Шеесет и три бели столчиња, поставени во тишина на отворено, со по една бела роза на нив, претставуваат симболичен спомен на младите животи прекинати во најубавите години. Покрај инсталацијата е поставена и книга на жалост, во која граѓаните можат да остават пораки во спомен на загинатите.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

-63 бели столчиња, 63 имиња, 63 животи што недостигаат – секое столче ја носи тишината на едно отсутно присуство, бела роза за спомен, светлина за сеќавање и место што никогаш нема да биде исполнето – беше пораката со која делегациите и граѓаните ги пречекаа семејствата на загинатите пред Домот на културата во Кочани.

Настанот, организиран од Општина Кочани и родителите на загинатите, започна во 8.45 часот и е дел од централната програма за одбележување на годишнината од трагедијата.

Пред почетокот на комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“, кој ќе се одржи во 10.30 часот во Центарот за култура „Бели мугри“, пред инсталацијата беше отворена и книга на жалост, како дел од оддавањето почит на недовршените соништа на прерано згаснатите животи.