МНТ со нов театарски бран
Македонскиот народен театар ја претстави годишната програма за 2026 година, која опфаќа нови премиери, меѓународни гостувања, копродукции и активности насочени кон поддршка на младите автори и независната сцена. Во однос на минатата година, буџетот за МНТ е зголемен за 56 проценти.
Директорот на МНТ, Никола Кимовски, истакна дека театарот во новата сезона влегува со „силна, интензивна и внимателно курирана програма“, со премиери што отвораат актуелни општествени прашања, нови копродукциски соработки и гостувања што го позиционираат МНТ како активен регионален и европски културен чинител.
– Создаваме репертоар што комуницира со времето во кое живееме, а истовремено самоуверено ја носи традицијата напред. Особено важно за нас е што отвораме простор за младите актери, новите режисерски имиња и независните продукции, затоа што МНТ треба да биде платформа и поддршка за новата генерација автори – изјави Кимовски.
Во МНТ веќе се одвиваат пробите за претставата „Страв и надеж“ од Франц Ксавер Крец, во режија на трофејната белградска режисерка Татјана Мандиќ Ригонат. Во претставата играат Александар Микиќ, Тања Кочовска, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Сашка Димитровска, Сашко Коцев, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.
Во текот на 2026 година, на сцените на МНТ ќе бидат поставени и следните претстави: „Три сестри“ од Чехов, во адаптација на Ана Ристоска и во режија на Нела Витошевиќ, „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски, во копродукција со „Сектор филм“ и „Козата или која е Силвија?“ по мотиви од Едвард Олби, во адаптација и режија на Шенај Мандак.
Во рамките на меѓународната програма, ансамблот на МНТ ќе гостува на повеќе сцени и фестивали во регионот. Претставите „Мој термин“ во режија на Синиша Евтимов и „Варвари“ во режија на Владимир Милчин ќе бидат изведени на сцената на Словенечкото народно гледалиште во Марибор. Со претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов, МНТ ќе гостува во Дубровник. Претставата „Ничија земја“ во режија на Александар Морфов ќе биде дел од програмата на меѓународниот театарски фестивал „Црно море“ во Варна. Во април, претставата „Народен пратеник“ во режија на Егон Савин ќе биде изведена на фестивалот „5-ре“(ПЕТРЕ) во Велес.
Во рамките на одбележувањето 81 година од постоењето на МНТ, во март и април ќе се реализира посебна роденденска програма со гостувања на регионални и меѓународни уметници. Програмата започнува на 30 март со стенд-ап шоуто „Шоубиз“ на познатиот актер Никола Ѓуричко.
На 1 април, на сцената на МНТ ќе гостува Словенечкото народно гледалиште Марибор со претставата „Амадеус“ во режија на Александар Поповски. На 3 април, СНГ Марибор ќе ја изведе монодрамата „Безгрешна (Immaculata)“, инспирирана од романот „Маријиниот завет“, како омаж на режисерот Томаж Пандур. Роденденската програма ќе биде заокружена на 4 април со претставата „Другата страна“, во продукција на Црногорско народно позориште од Подгорица.
Во текот на годината, МНТ ќе реализира и повеќе копродукциски проекти со домашни и меѓународни партнери. Па така, на 17 март на малата сцена ќе биде изведена премиерата на „Син понеделник“, во режија на Борјан Стојков, копродукција меѓу „Перипетија продукција“ и МНТ. На 27 март, на Светскиот ден на театарот, премиерно ќе биде изведена танцовата претстава „Диво месо“ од Горан Стефановски, во режија на Борче Начев. Премиера ќе има и авторскиот проект „Силно светнал ден – Стихови што заслужуваат музика“ на Игор Џамбазов, во режија на Синиша Евтимов, со учество на „Гуру Харе бенд“. Во подготовка е и монодрамата „Бивир Бивир (Да се живее – да се преживее)“, во која игра Снежана Коневски-Руси, која е и авторка на текстот и корежисерка заедно со Борче Начев. Во режија на Моника Ставревска ќе се постави претставата „Касапски кучиња“, по адаптација на текстот и истоимениот филм на Квентин Тарантино, со учество на млади актери. Финскиот режисер Јари Јутинен ќе ја постави во МНТ претставата „Западен експрес“ од романскиот автор Матеи Вишњек, копродукција меѓу МНТ и „МИ филм“, во која играат Ивица Димитријевиќ, Мирјана Трпковска и Васко Костовски. Во подготовка е и монодрамата „Внатре“, со текст на Александар Русјаков и Благица Секуловска, во која игра Арна Шијак, со музика на Горан Трајкоски. Куриозитет е што музиката од претставата ќе биде издадена на винил-плоча, како дел од новата иницијатива на МНТ за издавање авторска театарска музика.
Во фокусот на годишната програма е и малата сцена на МНТ, која ќе биде дополнително отворена за независната театарска продукција и новите автори. Концептот има цел да создаде динамичен и „патувачки“ театарски репертоар, преку кој, дел од новите претстави ќе гостуваат во повеќе градови низ Македонија. Овој концепциски новитет е инспириран од делото и духот на доајенот на македонското глумиште, Петре Прличко, како симбол на театар што патува, обединува и носи светлина таму каде што е најпотребна.
– Ќе ги отвориме вратите за најхрабрите и најупорни млади уметници. Сакаме да ги видиме од блиску, бидејќи ова е и нивен театар. Идејата е малата сцена да прерасне во инкубатор на свежи идеи – рече режисерот Бојан Трифуновски, кој е задолжен за независната сцена.
Летната сцена „Славиша Кајевски“ ќе биде отворена на 18 јуни, со концерт на Дац и Александар. На 19 јуни ќе настапи Бени Нон Стоп, на 20 јуни диџеј Никифор, а на 21 јуни програмата ќе биде затворена со настап на Гоце Саф.
– Техниката е секогаш во заднина на театарот и оваа ретка можност да бидеме вклучени на пресот на инсистирање на директорот Кимовски ја гледам како признание за сѐ што правиме за овој театар. Благодарејќи на тоа што оваа година имаме драстично зголемување на буџетот, конечно ќе можеме да ги санираме левото и десното фоаје, каде што имаше штета од прокиснувањето од терасите – изјави Гунтер Кубе, технички раководител во МНТ. С.Ј.































