Фото: „Нова Македонија“

ШАХ – БОДАНА СИВАНАНДАН, ШАХОВСКО ЧУДО ОД ДЕТЕ

  • Добро е да се знае дека имам повисок рејтинг од Јудит Полгар на оваа возраст. Но не сакам да застанам тука, само сакам да продолжам да го зголемувам мојот рејтинг и да постигнувам повеќе пресвртници, рече Сиванандан, која лани ја постигна својата прва норма за ЖИМ како најмлада досега, а две недели подоцна стана најмладата шахистка што победила велемајстор во класичен шах…

Женскиот интернационален мајстор (ЖИМ) Бодана Сиванандан додаде уште една пресвртница во својата брзорастечка шаховска кариера, надминувајќи ја бариерата од 2.300 рејтинг-поени, за да ја обезбеди титулата ФИДЕ-мајстор (ФМ). Британското чудо од дете сега има повисок рејтинг на иста возраст, како и велемајсторот (ВМ) Јудит Полгар, најдобрата шахистка на сите времиња, пишува шаховската интернет-страница „Чес“.
Младата ѕвезда, која наполни 11 години на 7 март, редовно ги освојува насловните страници низ целиот свет во претходните години, благодарение на многубројните рекордни достигнувања. Лани таа ја постигна својата прва норма за ЖИМ како најмлада досега, две недели подоцна стана најмладата шахистка што победила ВМ во класичен шах, а неодамна со одлични резултати на турнирите во Австрија и во Франција, нејзиниот рејтинг во живо беше 2.363 поени, носејќи ја меѓу првите три играчи под 11 години. Впечатливо е што таа беше меѓу најниско рангираните играчи на двата турнира и се соочи со само три играчи со понизок ранг, но, сепак, постигна успешност од над 50 отсто. На турнирот во Грац, таа освои нови 102 рејтинг-поена, пишува „Чес“.
На шаховскиот фестивал во Кан, Бодана докажа дека настапот во Австрија не е случајност, продолжи со пет победи од девет партии, само против играчи со титули, а доцните порази ја спречија да ја достигне својата прва норма за ИМ. На крајот, таа додаде уште 98 рејтинг-поени со рејтинг-перформанс од 2.377. Неодамна, ФМ Мајк Клајн за „Чес“, имаше интервју со Сиванандан, која се осврна на нејзините достигнувања и неодамнешниот напредок.
– Титулата ФМ е прекрасно чувство, но, накратко преминав 2.200 и пред околу две години, па затоа добивањето на рејтингот сега е, исто така, одлично – рече Сиванандан, која сега ги има титулите ЖИМ и ФМ.
Таа објасни дека не била свесна дека преминала 2.300 за време на турнирот, бидејќи дознала две кола подоцна кога ѝ честитале за подвигот.

– Не знам како се случило тоа. Можеби имав малку среќа со противниците, а првите неколку кола поминаа по моја волја. Не мислам дека нешто беше различно, но, генерално сум задоволна од тоа. Не работев на едно нешто конкретно. Само се обидов да го подобрам мојот шах, воопшто – дополни таа.
Таи Прус-Цимерман од „Чес“ и основач на „Продиџи Воч“ ја спореди Сиванандан со кралицата на шахот Унгарката Полгар, во своето неодамнешно ажурирање на рејтингот.
– Рејтингот во живо на Бодана сега е повисок од Полгар на истата возраст и ќе беше доволен за ранг на „Продиџи Вич“ меѓу првите 10 на отворената листа, ако ги користевме рејтинзите во живо во овие пресметки. Следна може да биде нејзината потера по рејтинг од 2.400 – констатира тој.
Кога беше прашана за статистиката, Сиванандан одговори зрело.
– Добро е да се знае дека имам повисок рејтинг од Јудит Полгар на оваа возраст. Но не сакам да застанам тука, само сакам да продолжам да го зголемувам мојот рејтинг и да постигнувам повеќе пресвртници – рече Сиванандан.
Неверојатните достигнувања доведоа до необични нивоа на внимание за играч на нејзини години. Во февруари таа се појави на финалето на првенството во брз шах на „Чес“ во Лондон, каде што играше брзи партии против ИМ Леви Розман, попознат како „Готам Чес“. На крајот, таа го победи познатиот јутјубер, трипати во низа. Како да не беше доволно тоа, па таа играше и против шахистот број еден во светот, Магнус Карлсен, иако таа игра не ѝ одеше по нејзин вкус. Сепак, тоа е големо искуство за тогаш 10-годишната девојка од Лондон.
– Играњето со Магнус Карлсен не е нешто што секој може да го прави. Бев нервозна за време на партијата. Иако беше пријателска партија, играњето против светскиот шахист број еден беше важно, беше пријатно искуство – рече таа.
И покрај опкружувањето со неколку камери, познати гледачи, па дури и фудбалер од Премиер-лигата, Езе Еберечи, кој гледаше, таа вели дека се обидува да се однесува исто кон секоја партија.
– Не мислам дека се нервирам за време на партиите, освен ако не играм со некој голем играч во шаховскиот свет. За мене, секоја партија е важна, се обидувам да се фокусирам и да учам. Титулите не ми пречат, само сакам да продолжам и да постигнувам повеќе – рече Сиванандан. Г.И.