Фото: МИА

Брзата тријажа, навремената проценка на изгорениците и итниот третман биле од клучно значење за згрижувањето на повредените во првите часови по трагедијата во Кочани. Ова го истакна директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Јасмина Ѓорѓиевска, на Меѓународната конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“.

Таа посочи дека веднаш по повикот во раните утрински часови бил мобилизиран голем дел од персоналот на Клиниката, по што започнал приемот и тријажата на повредените пациенти. Според неа, првичната проценка била насочена кон утврдување на деловите од телото кои се зафатени од изгореници, процентот на изгорената површина, длабочината на повредите, како и евентуално присуство на инхалациони повреди.

Ѓорѓиевска објасни дека првиот повик го добила околу 3.45 часот од доктор Мерџановски, кој информирал за голем пожар и можен голем број повредени. За кратко време започнала мобилизација на медицинскиот кадар, при што значителен дел од персоналот пристигнал на работното место во рок од половина час, а за помалку од еден час повеќе од 90 проценти од вработените веќе биле присутни и подготвени за работа.

Како што појасни, пластичните хирурзи веднаш пристапиле кон проценка на повредите, при што најчесто биле регистрирани изгореници на лицето, задниот дел од шаките, рацете и грбот. Таа нагласи дека кај најголем дел од повредените облеката не била запалена, туку изгорениците се јавиле на откриените делови од телото кои биле директно изложени на топлина или друг штетен агенс, што довело до повреди од втор и трет степен.

Според неа, навремената тријажа и брзото изведување на ешаротомија кај дел од пациентите придонеле да се зачува виталноста на екстремитетите, особено на шаките. Таа истакна дека токму брзата и координирана реакција на медицинските тимови овозможила ефикасно справување со ситуацијата и спасување на голем број животи.

Ѓорѓиевска нагласи дека тријажата кај изгорениците има исклучително значење, при што важна улога во првичното згрижување и транспортот на пациентите имале и болниците во Кочани и Штип.

Во своето обраќање таа посочи и дека дел од повредените брзо губеле свест, што во некои случаи барало и итни реанимациски постапки. Како една од значајните мерки ја издвои иницијативата за означување на имињата и датумите на раѓање на телата на повредените, бидејќи голем дел од нив биле без лични документи. Ова, според неа, помогнало за побрза идентификација на пациентите и нивно навремено транспортирање во други здравствени установи.

Таа изрази благодарност за поддршката од болницата „Папаниколау“ во Солун, која рано се вклучила во комуникацијата и помогнала со протоколи и медицинска документација за транспорт на пациентите во странство. Воедно упати благодарност и до медицинскиот и немедицинскиот персонал, како и до сите држави и институции кои помогнале во справувањето со последиците од трагедијата.