Претседателката Гордана Силјановска-Давкова се обрати на завршната сесија на Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани, која се одржа денеска во Скопје во организација на Влада на Македонија.
Силјановска-Давкова истакна дека трагедијата во Кочани останува длабока рана и траен потсетник за потребата од одговорност, подготвеност и солидарност при справување со кризни ситуации. Според неа, од трагичното искуство мора да се извлечат поуки за изградба на посилен и поефикасен систем кој ќе го штити човечкиот живот.
Таа посочи дека конференцијата претставува важен чекор во процесот на експертска евалуација на стореното, но и можност научените лекции да се систематизираат заради подобра подготвеност на институциите за соодветен одговор во слични ситуации.
– Трагедијата во Кочани беше момент на национален шок, длабока човечка болка, ерупција на сочувство и солидарност, но и момент на политичка и општествена катарза – истакна Силјановска-Давкова.
Таа потсети дека утрото по трагедијата било исполнето со страв и неизвесност, додека лекарите воделе тешка битка за спасување на животите на повредените.
Силјановска-Давкова нагласи дека одлуката најтешко повредените пациенти да бидат испратени на лекување во странство била исправна, бидејќи брзата координација меѓу македонските институции, здравствениот систем и меѓународните партнери овозможила спасување на многу млади животи.
Според неа, трагедијата покажала дека одговорот на вакви катастрофи не е само медицинско прашање, туку и политичко, финансиско, етичко и морално, а успешноста зависи од институционалната подготвеност, меѓусекторската координација и професионалната компетентност.
Силјановска-Давкова посочи дека во современи услови ниту еден здравствен систем не може самостојно да се справи со катастрофи од ваков тип, поради што меѓународната соработка и размената на искуства се од особено значење.
Таа нагласи дека конференцијата нуди можност за експертска анализа на терапевтските постапки и на институционалниот одговор, како и за споделување компаративни искуства во третирањето на тешки изгореници, рехабилитацијата и долгорочното закрепнување на пациентите.
Претседателката потсети и на медицинското правило „подобро е да се превенира отколку да се лекува“, нагласувајќи дека државата веќе презема конкретни системски мерки. Меѓу нив се усвојување на Национален план за справување со масовни жртви, воведување нови медицински протоколи и зајакнување на институционалната координација во кризни ситуации.
– Тие покажуваат дека здравствениот систем и државата се решени трагичното искуство да го претворат во поголема подготвеност, подобра организација и поефикасен одговор на идни предизвици – рече Силјановска Давкова.
Таа потсети дека Уставот ја дефинира државата како социјална и гарантира право на здравствена заштита за секој граѓанин, но и обврска за грижа за сопственото и за здравјето на другите.
На крајот од обраќањето, Силјановска-Давкова порача дека трагедијата во Кочани не смее да остане само болен спомен, туку мора да биде постојан потсетник дека без стандарди, правила и одговорност ниту една дејност не може безбедно да функционира и дека ништо не смее да биде поважно од правото на живот.
































