Започна изградбата на новиот мост кај клучката Момин Поток во Скопје, што претставува клучна фаза од реконструкцијата на овој важен сообраќаен јазол во градот.
Како што соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, од раните утрински часови започнала монтажата на челичната конструкција на мостот. Во текот на денот биле поставени двата главни носачи кон излезот од градот во правец на Визбегово.
Според најавите, монтажата на конструкцијата ќе се реализира во неколку фази, со оглед на тоа што носачите се изработуваат во префабрикувани услови и бараат внимателна и прецизна поставка.
Новиот мост ќе има должина од 43,5 метри и ќе го премости булеварот „Никола Карев“, поврзувајќи ја кружната крстосница со турбо кружниот тек кај Момин Поток. Со тоа ќе се создаде подобро сообраќајно решение на една од најфреквентните точки во градот.
Од градската власт посочуваат дека со завршувањето на овој сообраќаен јазол се очекува значително подобрување на протокот на возила, намалување на метежот и побрз влез и излез од Скопје.
– Кога беше најтешко не се откажавме. Наместо изговори, избравме да работиме и да оставиме дела. Проектот за Момин Поток, кој долго време беше заглавен, сега се реализира со силно темпо – порача градоначалникот Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој додаде дека градската администрација ќе продолжи со реализација на инфраструктурни проекти со цел подобрување на сообраќајот и квалитетот на живот на граѓаните во главниот град.


































