Фото: Маја јаневска Илиева/илустрација

Со сослушување сведоци предложени од Јавното обвинителство, денеска во судницата во КПД Идризово продолжува судењето за трагичниот пожар во дискотеката Пулс во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, пренесе МИА.

Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевски и моментално се наоѓа во фаза на доказна постапка. На денешното рочиште, според најавите, треба да бидат сослушани пет сведоци.

На претходното рочиште пред судот сведочеа повеќе лица. Меѓу нив и Горан Игновски, кој повеќе од три децении се занимава со продажба и сервис на опрема за настани, како што се озвучување, осветлување и сценски ефекти. Тој изјави дека околу година и половина пред трагедијата им продал опрема – бокс за далечинска активација и прскалки – на лице познато како Панчо и на член од групата ДНК.

Во судницата сведочеше и вработена во сметководствено биро кое соработувало со агенцијата за обезбедување Рубикон. Таа изјави дека никогаш не видела материјален документ што би потврдил деловна соработка меѓу дискотеката „Пулс“ и агенцијата.

Дополнително, вработена во подрачното одделение во Кочани на Дирекција за заштита и спасување изјави дека во врска со дискотеката „Пулс“ не била доставена никаква документација, како и дека во подрачното одделение во Кочани нема инспектор за заштита и спасување.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и се смета за една од најтешките трагедии во поновата историја на Македонија. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со изведување сведоци предложени од Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.