Македонски државјани кои се наоѓаат во Саудиска Арабија, Кувајт и Бахреин, а побарале евакуација, денеска од Ријад ќе се вратат во земјава со специјален лет организиран од Владата. За евакуацијата од Ријад се пријавени вкупно 153 патници. Од нив, 96 се од Катар, 33 од Кувајт, 15 од Бахреин и девет од Саудиска Арабија.
– Имајќи предвид дека нашата земја нема склучено договор за воздушен сообраќај со Кралството Саудиска Арабија, предвидено е авионот да слета на аеродромот во Приштина, по што ќе биде организиран превоз за патниците до Скопје – соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ).
Целата организација на летовите, вклучително и сите поврзани трошоци, се покриваат од Владата преку МНРиНТ.
Вчера со лет од Дубаи беа евакуирани 150 патници, од кои 125 македонски државјани, 11 државјани на Косово, седум на Србија, по двајца државјани на Босна и Херцеговина и Албанија и по еден државјанин на Германија, Ерменија и Црна Гора. Во Обединетите Арапски Емирати остануваат околу 200 македонски државјани кои, како што велат од МНРиНТ, првично се пријавиле за евакуација, но според нивните изјави во моментов не изразуваат подготвеност да ја реализираат.
Во неделата 151 патник пристигна на скопскиот аеродром од Обединетите Арапски Емирати со лет на „Флај Дубаи“. Повеќето се македонски државјани, а меѓу патниците има и државјани на Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и четворица со холандско државјанство. На 5 март со владиниот авион беа евакуирани и шест македонски државјани од Израел, кои полетаа од Шарм ел-Шеик во Египет.

































