Непознат, познат свет (4)

Шаман
– Дванаесетти ден откако го снема – резимира Тони – а и социјалниве мрежи веќе не известуваат за случајот.
Секое утро, пред да појде на работа, Тони гo отвораше „Тајм.мк“ (Time.mk), ги читаше најновите вести од домашната и светската политика, од спортот, културата и криминалистичката хроника, за потоа, додека во текот на денот на возачкото седиште во таксито чекаше повик од диспечерката, да се проверува колку од нив запаметил. Така си ја вежбам меморијата, а и во тек сум со она што се случува, им велеше на друштвото во „Шаман“. Така, ако, на пример, од 37 вести, наброеше 30, беше сосема задоволен од себе, ако бројката беше околу 27, тогаш ќе почнеше да се преиспитува што заборавил, но ако беше под 24, тоа го исфрлаше од доброто расположение и на љубезната диспечерка ѝ одговараше изнервирано. Но, без оглед на билансот, Тони беше сигурен дека со резервата вести од „Тајм.мк“ има очигледна информациска предност пред слушателите во „Шаман“. Само да не е оној стариот Михајло, кој не можеше без да извади нешто неважно од својата озборувачка пензионерска кошница: – А знаете ли дека се појави брат му? Од Шведска. Откако се отсели од земјава, ретко се враќаше. Последен пат го видов кај комшијата одамна, поминаа, како да кажам, три години и повеќе. Замина таму, се ожени, доби деца… ја продадоа куќата во Дебар Маало… – На улицата Мајаковски – се уфрли Тони. – Да, таму некаде. Ги поделија парите од куќата, комшијата го купи станчето над нас, и така, како да кажам, го продолжи животецов.
Така, покрај другото, се дозна од чичо Михајло (кој во тоа време случајно се симнувал по скалите на зградата) за кусата посета на братот на комшијата, кој во придружба на службено лице влегол во запечатениот стан. – Не се задржаа долго, кога излегоа, забележав дека има нешто на образот – вели чичо Михајло, – нешто, како да кажам, како лузна. – Е, од каде пак ти го виде тоа? – му подвикна Тони. – Како да кажам, бев близу.
Дискусијата меѓу двајцата продолжи уште извесно време, додека некако не се договорија да се најдат утре сабајле во 9.15 во „Шаман“ за ТВ-преносот на полуфиналето на Австралија опен. – Џоле сигурно губи – изјави таксистот – петнаесет години е постар, и во петте последни меча Синер го тепаше без проблеми. – Не потценувај го Џоле – одврати пензионерот. – Има тој цел куп, како да кажам, финти за млади, амбициозни мрсулковци.
Каква е бојата на вашата аура?
Иако судбината ѝ додели поспан маж, кој некогаш толку ќе ја изнервираше што посакуваше да го клоцне, и две многу разгалени деца, кои некогаш ја тераа да се воздржува да не им удри шлаканица, инспекторката Весела Андоновска Смилев во службените извештаи, без оглед на партиските промени, секогаш беше оценувана дека ги извршува работните задачи педантно и одговорно.
И овој работен ден кога влезе во канцеларијата го свлече капутот и внимателно го одложи на дрвената стабилна закачалка, единствен предмет што од дома го пренесе на работа. Со четири куси ногалки и четири извиени држачи за капути – на секој држач беше можно да се стават по неколку. Иако во канцеларијата закачалката ѝ служеше нејзе, ретко за некој што доаѓаше поради истрага.
Си приготви кафе со половина лажичка кафеав шеќер, потоа го исклучи решото, ја пренесе наполнетата бела керамичка шолјичка на масата, седна и грицна парче од темното чоколадо со 70 проценти какао што го чуваше во фиока. Испи две голтки, кога секретарката ѝ најави дека братот на исчезнатиот е пристигнат и чека да биде повикан.
– За пет минути – рече и набрзина се погледа во огледалцето.
Човекот што влезе држеше кафеава шапка во раката, со раскопчан сив капут и долг волнен шал со иста боја како шапката. Забележа дека личи на исчезнатиот, иако брадата на присутниот беше скандинавски уредена. Сепак, само делумно ја покриваше лузната што се протегаше од левиот крај на челото па надолу.
– Повелете – рече инспекторката. – Добро утро.
– Добро утро – одговори збунето тој. – Јас сум…
– Знам кој сте. Можете да си ги обесите капутот, шалот и шапката на закачалката.
 Забележа, кога тој се приближи до закачалката, дека е некаде со слична височина, значи околу метар и 75. Потоа се врати поместувајќи го столот пооддалечено од бирото. Сигурно му е малку непријатно, помисли инспекторката.
– Верувајте ми дека ништо не ми е јасно… – почна тој. – Последниве години не се гледавме баш често… Знаете, јас живеам во странство, надвор од државата сум одамна, ми требаше време да се снајдам таму, ништо намерно, живот…
– Немавте некаков конфликт? – го прекина.
– Не – одрече гласно. – Moжеби не се среќававме често во живо, но се јавувавме, барем еднаш во две недели, преку видео, на Ватсап… последен пат беше кога сечевме погача со паричка за Бадник, одделивме парче и за него. Паричката се падна кај помалиот син, Лукас.
Ја потсеќаше на други поранешни разговори што ги водеше со луѓе што беа дел од истражната постапка и од превезот на смиреност брзо преоѓаа во вознемиреност. Но на некој начин овој човек ѝ беше симпатичен, па реши да ги ублажи иследничките прашања со поблаг тон:
-Уште колку останувате во Скопје?
– До следната недела. Ако дознаете нешто ново…
– Без грижа. Ќе ви јавиме. Го имаме вашиот број. Можеби ќе ве повикам на уште еден разговор.
Кога отиде до закачалката да си ги земе алиштата, на инспекторката ѝ се причини дека е некако спласнат, со шапката што несмасно ја држеше со двете раце.
Сепак, таа не издржа: – Можам ли уште нешто да ве прашам? – Прашајте, слободно. – Лузната, на лицето од што ви е?
За миг, неговиот поглед се вкочани, потоа прошета по ѕидовите на канцеларијата: – А тоа… беше пред неколку години, сообраќајка… Ме чукна еден, во Гетеборг… – промрмори.
Штом човекот замина, по неколку минути, секретарката чукна на вратата, влезе да ја прифати испразнетата шолјичка: – Извинете инспекторке, дознавте ли каква е бојата на вашата аура?
Пред некој ден, секретарката Ленче ѝ ја даде „езотеричната“ книга за аурите, читнете, ако имате време, ќе ви биде интересна…
– Дознав, имаше баеги прашања во тестот, ама ги одговорив.
– И?
– Испадна дека сум со зелена.
– Знаев! Зелена. Вие знаете како да ги решавате проблемите. Родени сте за оваа позиција.
„Да, а не кажа дека не сум требала да стапувам во брак рано и дека најдобро ако имам едно дете, не повеќе“.
– А така ли? – кратко се насмеа и пак се наведна над документите.