КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2027 ЗА КОШАРКАРКИ
- Имаме млада репрезентација, која пред себе треба да има желба да го покаже тоа што го знае и да почне нешто што треба да се гради во наредните години, вели селекторот Ашаданов пред денешниот дуел на гости со Данска
Пред репрезентацијата на Македонија е нов квалификациски циклус за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2027 година за кошаркарки. Во првите три кола во групата Ф, Македонија забележа една победа, против Данска (дома), и два пораза, од Грција (дома) и од Хрватска (на гости). За седум дена македонските кошаркарки ќе одиграат три средби, денеска во Копенхаген против Данска (18.30 ч.), в сабота на гости, во Солун, против Грција и во вторник со Хрватска, во салата „Градски парк“ во Скопје.
– Повторно играме со трите репрезентации, само по обратен редослед. За разлика од претходниот циклус, ова е нешто ново за нас или нешто што е сменето е нашиот состав, кој е многу подмладен за разлика од претходниот. Некои од возрасните кошаркарки се откажани и веќе нема да присуствуваат на натпреварите. Затоа имаме млада репрезентација, која пред себе треба да има желба да го покаже тоа што го знае и да почне нешто што треба да се гради во наредните години. Целосно ги охрабрувам кошаркарките, а се надевам дека ќе ги охрабри и целата наша нација, затоа што тие треба да бидат иднината на женската кошарка во наредниот период – вели селекторот Александар Ашаданов за Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
По одигрувањето на групната фаза, двете првопласирани селекции од седумте групи и трите најдобри меѓу третопласираните одат во вториот дел од квалификациите, за место на ЕП 2027 во Белгија, Финска, Шведска и во Литванија.
– Од натпреварите што следуваат, пред сѐ, очекувам да го дадеме својот максимум, да покажеме борба, а сѐ што ќе ни се понуди како шанса сигурно дека ќе се обидеме да го искористиме. Како спортски работник никогаш не можам да кажам дека се откажувам од победите или од некое повисоко место на табелата, амбициите ми се секогаш исти, сакам да победувам. Но, ако ја видиме реалната ситуација, само треба да знаеме дека ние треба да им дадеме шанса на кошаркарките – рече Ашаданов, пренесе КФМ. Г.И.
ГРУПА Ф, 4. КОЛО
Данска – Македонија 18.30 ч.
Хрватска – Грција 19 ч.
ТАБЕЛА
Хрватска 3 2 1 236-217 5
Грција 3 2 1 271-243 5
Македонија 3 1 2 218-262 4
Данска 3 1 2 250-253 4
































