Иранското Министерство за надворешни работи побара безбедносни гаранции во случај да се постигне евентуален прекин на огнот со САД и Израел, јави ДПА.
-Ако треба да се воспостави прекин на огнот или да заврши војната, мора да постои гаранција дека агресивните дејства против Иран нема да се повторат – изјави заменик-министерот за надворешни работи Казем Гарибабади, цитиран од весникот „Шарг“.
Тој предупреди дека без вакви гаранции евентуалниот прекин на огнот не би имал вистинско значење.
-Исламската Република Иран не беше иницијатор на војната и агресијата – изјави Гарибабади.
Тој нагласи дека иранските ракетни напади биле извршени во согласност со член 51 од Повелбата на Обединетите нации, односно како „легитимна самоодбрана“.
Според него, во последните денови неколку земји презеле посреднички напори со цел да се намалат тензиите и да се постигне деескалација на конфликтот.
Меѓу државите што се вклучиле во ваквите иницијативи се Кина, Русија и Франција, како и неколку „регионални држави“ – додаде Гарибабади.
































