Фото: МНРиНТ

Во услови на засилени безбедносни и геополитички предизвици, владите мора брзо да се приспособуваат и да дејствуваат заеднички, бидејќи соработката е единствената реална опција, нагласи министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на меѓународната конференција Budapest Balkans Forum 2026, која се одржува во Будимпешта, Унгарија, во организација на Унгарскиот институт за меѓународни прашања.

Муцунски се обратил на воведната дебата на високо ниво на тема „Централна Европа и Западниот Балкан во новата геополитичка ера“, заедно со унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто и заменик-претседателот на Владата за надворешни и европски прашања на Црна Гора, Филип Ивановиќ.

Во своето обраќање, министерот Муцунски нагласи дека со оглед на растечките безбедносни и геополитички предизвици, владите мора брзо да се прилагодуваат и да делуваат координирано, бидејќи само со соработка можат да се обезбедат стабилност и напредок, пренесе МИА.

-Државата го доби кандидатскиот статус за членство во Европската Унија заедно со Хрватска, која денес веќе е членка на Унијата, и во изминатите години направивме сериозни национални отстапки. Нашето општество е проевропско, Владата е фокусирана на европските реформи и целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, но очекуваме процесот на проширување да биде јасен, кредибилен и предвидлив – рече Муцунски.

Тој додаде дека државата се обврзала да биде предвидлив партнер на Европската Унија, но истата предвидливост и кредибилност се очекуваат и од земјите членки.

-Нашата задача е да бидеме предвидлив партнер на Европската Унија, но таква предвидливост очекуваме и од земјите членки. Знаеме дека припаѓаме на Европа, но очекуваме таа предвидливост да биде целосно реципрочна.

Во своето обраќање, Муцунски ја истакна стратешката важност на Коридорите 8 и 10, како од безбедносен, така и од трговски аспект, потенцирајќи ја нивната улога за поврзување на регионалните економии и за политичка стабилност.

-Нашиот фокус во моментов е на два многу важни европски коридори кои се пресекуваат токму во нашата земја – Коридор 8 и Коридор 10. Тие се значајни и од политичко-безбедносен, но и од економски и трговски аспект. Во енергетиката, во процес сме на изградба на интерконектор со Грција, кој ќе ни овозможи пристап до LNG гасот што доаѓа од пристаништето Александруполис – посочи министерот.

Муцунски го истакна и значењето на односите со Унгарија, со која државата има воспоставено стратешко партнерство, кое отвора можности за економска соработка и инвестиции од двете страни.

-Тоа стратешко партнерство отвори многу можности за соработка меѓу двете држави. Има значајни инвестиции од двете страни, кои ние како влада ги олеснуваме, со цел проширување на пристапот до пазарот за унгарските компании кои доаѓаат во нашата земја, но и за македонските компании кои инвестираат или работат во Унгарија. Ја гледаме Унгарија како наш стратешки партнер и важен поддржувач на европскиот пат на регионот – заклучи Муцунски.

На конференцијата, министрите разговараа и за иднината на Западниот Балкан во контекст на европските интеграции, безбедносната стабилност и економската соработка, при што Муцунски истакна дека регионалната координација и заемното разбирање се клучни за успешна интеграција и одржување на стабилноста на Централна Европа.