Министерството за надворешни работи и надворешна трговија подготвува соодветна дипломатска реакција по одлуката на бугарските власти за десетгодишна забрана за влез на адвокатот Тони Менкиновски во Бугарија – најави ресорниот министер Тимчо Муцунски на денешната прес-конференција во Владата.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе биде упатена протестна нота, Муцунски истакна дека државата и во минатото реагирала по соодветен дипломатски пат и дека дополнително ќе биде проценето кој механизам ќе се искористи во конкретниот случај, изразувајќи разочарување од постапката на земјата членка на Европската Унија, пренесе МИА.
– Негативно сум изненаден како една земја членка на Европската унија се однесува кон еден наш граѓанин кој имал една и единствена цел, а тоа е да штити права на група граѓани пред европските институции. И затоа, секако, ќе има соодветна реакција. Ние во минатото и со други наши соседи сме имале вакви слични состојби. Секогаш сме реагирале по соодветен дипломатски пат, мерката и механизмот дополнително ќе ги процениме во рамките на институцијата – каква мерка и кој механизам ќе го искористиме што го имаме на располагање. Но јас не само што сум негативно изненаден, туку и длабоко разочаран од односот на една земја членка на Европската унија кон нашите граѓани – изјави Муцунски.
На прашањето дали ќе биде побарана осуда од евроамбасадорот во земјава и реакција од Брисел, министерот нагласи дека приоритет е преземањето конкретни дејствија од страна на државата за заштита на интересите и правата на македонските граѓани.
– Клучно е кои дејствија ние како држава ќе ги преземеме. Затоа што, на крајот на денот, политичката осуда, јас и да ја дадам и да не ја дадам, факт е дека во 21 век се случува репресија врз еден човек само заради тоа што веројатно си ја вршел работата. Тој е адвокат. Една од примарните обврски на адвокатот е, меѓу другото, да ги заштитува оние кои сметаат дека им се повредени човековите права. И не сакам да верувам дека Европската Унија, во која посакуваме да станеме полноправна членка, ќе застане на страната на едни вакви ретроградни дејствија и механизми кои доаѓаат од нашиот сосед. Дали некој ќе одлучи да осуди или не, е во доменот на неговото лично одлучување – посочи Муцунски.
Адвокатот Тони Менкиновски пред два дена, на 7 март, информираше дека Бугарија му забранила влез до 2036 година и дека во официјалниот документ што го добил стоело дека наводно претставува закана за националната безбедност на Република Бугарија. Тој изрази сомневање дека ваквата мерка е директно поврзана со неговата работа како адвокат кој ги застапува Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур и истакна дека обвинението е сериозно, но е донесено без конкретно образложение и без претходна правна постапка. Забраната му била врачена на 6 март на влез во Бугарија.

































