Со сослушување сведоци предложени од Јавното обвинителство денеска во судницата во КПУ „Идризово“ продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На денешното рочиште беа повикани пет сведоци, но пред Судот се појавија четворица. Јавниот обвинител најави дека на крајот од рочиштето ќе се произнесе во однос на сведоците со кои обвинителството не успеало да стапи во контакт, со цел тие да бидат повикани со судска наредба, пренесе МИА.
Претходно Судот побара од Обвинителството да се произнесе и по барањето на обвинетиот Љупчо Папазов за укинување на мерката притвор и евентуално определување мерки на претпазливост.
Јавниот обвинител побара по ова барање да се изјасни на следната главна расправа, посочувајќи дека во моментов не располагаат со сите потребни информации.
На претходното рочиште сведочеше ПР на музичката група ДНК, кој изјави дека прскалките што биле користени на настапот биле донесени од бендот и дека биле легално купени во продавница во скопската општина Кисела Вода. Пред Судот сведочеа и редовни посетители на дискотеката, кои ги опишаа настаните од ноќта на 16 март минатата година.
Во пожарот што избувна за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, што ја прави оваа несреќа една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.
Судењето се одвива под засилени безбедносни мерки, во присуство на обвинетите, роднините на жртвите и јавноста. Постапка се води против повеќе од 30 физички и три правни лица за тешки дела против општата сигурност.
Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со изведување сведоци предложени од Обвинителството.
































