Францускиот институт во Скопје и „Танц-фест“ по повод отворањето на Месецот на франкофонијата и во знак на предотворањето на фестивалот имаат чест да ве поканат на танцовиот спектакл „F_AI_LLE“ на француската танцова група „К дансе“. Претставата ќе биде изведена утре, во 20 часот, во Македонскиот народен театар.
Оваа танцова претстава истовремено е и интерактивна инсталација што го истражува дијалогот помеѓу човечкото тело и вештачката интелигенција. На крстосницата помеѓу современиот танц и дигиталните истражувања, ова дело ја преиспитува нашата врска со нормите, технологијата и креативноста. Секој учесник станува кокреатор и сведочи на уникатно уметничко дело што се менува во зависност од сопственото движење и односот кон вештачката интелигенција.
Во рамките на посетата на трупата ќе се реализира и програма на работилници од 9 до 13 март во неколку града низ земјата: Скопје, Битола, Куманово и Тетово – под водство на кореографот Жан-Марк Матос. Работилниците се наменети за актери од областа на танцот, млади изведувачи и наставници по француски јазик.
Овој проект, поддржан во рамките на програмата „Дигитални уметности“, ја истакнува продукцијата на современото франкофонско творештво и ги зајакнува уметничките соработки помеѓу Франција и Македонија.
































