фото: Маја Јаневска - Илиева

Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, најави дека ќе стапи во контакт со адвокатот Тони Менкиновски за подетално да се информира за случајот во кој Бугарија му изрекла забрана за влез во земјата до 2036 година.

Мицкоски изјави дека веќе има комуникација со Менкиновски и дека планира директно да разговара со него за да ги добие сите детали поврзани со случајот. Тој нагласи дека институциите ќе ги искористат сите расположливи механизми и алатки за да обезбедат заштита на секој македонски граѓанин.

Менкиновски вчера соопшти дека при влез во Бугарија му била врачена одлука со која му се забранува влез во земјата во наредните години, односно до 2036 година. Во документот, како што информираше, било наведено дека наводно претставува закана за националната безбедност на државата.

Адвокатот изрази сомневање дека ваквата мерка е поврзана со неговата професионална работа, односно со застапувањето на Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Според него, станува збор за сериозно обвинение кое, како што тврди, е донесено без конкретно образложение и без претходна правна постапка.

Менкиновски оцени дека ваквата одлука претставува негативен сигнал за демократските стандарди и може да се протолкува како притисок врз адвокатската професија. Тој посочи дека наместо да се спроведуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права, се преземаат мерки кои, според него, можат да се сметаат за обид за заплашување.

Адвокатот најави дека ќе ја оспори одлуката преку сите достапни правни и институционални механизми. Случајот, како што информираше, ќе биде доставен и до повеќе меѓународни институции, меѓу кои Европскиот парламент, ОБСЕ и Обединетите нации, како и до организации што ја следат состојбата со човековите права и независноста на адвокатската професија.

Премиерот Мицкоски и вчера беше прашан за случајот, при што посочи дека доколку информациите се точни, тоа би претставувало сериозен удар врз демократските принципи во односите со источниот сосед. Тој изрази очекување дека Европската Унија и нејзините земји-членки треба да реагираат доколку се потврдат ваквите наводи.