фото: ЗФК „Копачка“-Драмче

Вечерва во галеријата „Метаноја“ во Скопје, со почеток во 19 часот, ќе се одржи промоција на монографијата „Ехото на дамарите на пијанчани – Копачката“ од авторката Перса Стојановска.

Книгата е посветена на орото „Копачка“ – единственото оро од Македонија кое од ноември 2014 година е впишано на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото на УНЕСКО.

Авторката на монографијата и претседателка на ЗФК „Копачка“ од селото Драмче во книгата го опишува процесот на впишување на орото во УНЕСКО, неговата одржливост преку различни проекти во првите десет години по впишувањето, постигнатите резултати, но ги истакнува и предизвиците и потребите за решавање на приоритетни прашања. ЗФК „Копачка“ е единствениот носител и практичар на ова оро.

фото: ЗФК „Копачка“-Драмче
На настанот ќе се обратат директорката на „Метаноја“ м-р Нада Милкова, директорот на Балканскиот институт за вера и култура, д-р Коста Милков и проф. д-р Мирјана Мирчевска.

Промоторката на книгата, етномузикологот проф. д-р Велика Стојкова-Серафимовска, која е и стручен соработник во монографијата, смета дека ова дело не е само хронологија на настаните поврзани со впишувањето на орото во листата на УНЕСКО, туку и продолжување на една вековна приказна вкоренета во животот на луѓето од Пијанец, која се пренесува преку ритамот на тапаните и чекорите на играорците.

– Авторката Перса Стојановска не е само раскажувач и уредник, туку пример за чувар на традицијата, достоен наследник на дедо Митко Соколот, учителот Узунски, на нејзиниот татко, ороводецот Дафчо и на сите оние кои со векови ја играле Копачката како неизоставен дел од животот на Драмчани и Пијанчани, како дел од македонскиот културен код. Наше, а светско, орото Копачка не е само оро – тоа е аманет и тенка нитка која нѐ поврзува со нашите предци. Да го негуваш и чуваш тој аманет бара одговорност и почит, но пред сѐ љубов, која се чувствува токму во ехото на дамарите – подвлекува проф. д-р Стојкова-Серафимовска.

На промоцијата играорците од Драмче ќе ги претстават и женската и машката изведба на „Копачката“, а автентичниот израз преку носиите ќе биде надополнет со пијанечки етно-елементи поставени во галерискиот простор.

Посетителите ќе имаат можност да ги видат изложените черги, фути, скутачи, рачници, пешкири, фурки, софри, троножни столчиња, бакарни и глинени садови, бутими, српови, пченично класје, како и традиционални инструменти – тапан, ќемане, тамбура и гајда, како и наградите и признанијата на фолклорната група „Копачка“.

Поставката ќе биде достапна за јавноста една седмица.  Ф.Д.
Фото: ЗФК „Копачка“ – Драмче