Фото: Тимчо Муцунски/Фејсбук

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, информира дека успешно е завршен процесот на евакуација на македонските државјани од Израел кои побарале да ја напуштат земјата.

Според него, Министерството целосно го координирало процесот, при што македонските граѓани попладнево со владиниот авион полетале од Шарм ел-Шеик кон Скопје, пренесе МИА.

Муцунски посочи дека евакуацијата била сложен процес кој барал силна ангажираност на дипломатско-конзуларните претставништва, строго почитување на безбедносните процедури и постојана координација меѓу надлежните институции.

Тој додаде дека е завршена и постапката за склучување договор со компанија која во наредните денови треба да започне со летови за евакуација на македонските државјани од други погодени подрачја, во координација со дипломатско-конзуларните претставништва.

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија посочуваат дека остануваат на располагање 24 часа за поддршка и помош на македонските државјани каде и да се наоѓаат.