Фото: МВР/Фејсбук

Полицијата вчера на територијата на целата држава лишила од слобода шест возачи поради безобѕирно управување со моторно возило, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Од нив, петмина управувале возило без возачка дозвола, а еден возач бил фатен како вози под дејство на алкохол.

Меѓу лицата кои возеле без дозвола има и двајца малолетници. Едниот во Скопје управувал мотоцикл, додека другиот во Штип управувал патничко возило без да поседува возачка дозвола.

Во Гостивар биле лишени од слобода двајца возачи кои управувале возило без дозвола, при што едниот од нив возел и во спротивна насока. Еден возач без дозвола бил приведен и во Струмица.

Во Виница, пак, полицијата лишила од слобода возач кој управувал возило под дејство на алкохол.

По целосното документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

– Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај – информираат од МВР.