Научниците на прагот на историски пробив

„Гугл“ тренира нов модел на вештачка интелигенција за декодирање на звуците што ги испуштаат делфините, но и за потенцијална комуникација со нив. Компанијата тврди дека нејзиниот нов модел, наречен „Долфин гема“, ќе биде јавно достапен ова лето. Истражувачите исто така се обидуваат да ги научат делфините да имитираат измислени имиња за одредени предмети. Веќе е познато дека тие се исклучително способни комуникатори. Овие навистина посебни цицачи користат сложени восклици, вресоци и свирежи за да се повикуваат едни со други, да се борат или да привлекуваат партнери. Сега „Гугл“ тврди дека развива голем јазичен модел (ЛЛМ) што би можел подобро да ги разбере тие вокализации и можеби да им овозможи на луѓето да реагираат на нив.
Во текот на изминатите 40 години истражувачите од проектот за диви делфини собраа аудио и видеоснимки од заедницата на атлантскиот шарен делфин на Бахамите. Новиот модел на вештачка интелигенција е трениран токму на таа база на податоци. Системот ги анализира вокализациите на делфините, препознава шеми и предвидува што следува, слично на тоа како ЛЛМ ги обработува човечките јазици.
– Користењето на вештачката интелигенција би можело да ни даде можност да видиме шеми што можеби не ги забележуваме од човечка перспектива – изјави Теа Тејлор, раководителка на проектот за делфини во Сасекс, Англија, која не е вклучена во проектот на „Гугл“.
Потпирањето на ЛЛМ би можело значително да ја забрза и анализата на податоците, работа што би му одзела на човекот повеќе од сто години рачно.
Истражувачите од „Гугл“ истовремено работат на уред наречен ЧАТ (телеметрија за зголемување на слухот кај китовите). Станува збор за нослива технологија што ќе им овозможи на истражувачите да генерираат звуци слични на оние што ги користат делфините, создадени од вештачка интелигенција и поврзани со одредени предмети што им се допаѓаат, како што се алгите. Во одделни истражувања вештачката интелигенција веќе се користи за декодирање на вокализациите на други животни. На пример, научниците од проектот ЦЕТИ (иницијатива за превод на китови) применуваат вештачка интелигенција за подобро разбирање на китовите.