• Концертот ќе го води диригентката Ребека Тонг од Индонезија, а како солист ќе настапи пијанистот Ендру фон Ојен од Франција

Вечерва, со почеток во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи концерт по повод Денот на жената, насловен „Сила“, кој ќе го води диригентката Ребека Тонг од Индонезија, а како солист ќе настапи пијанистот Ендру фон Ојен од Франција. На програмата се „Павана“, оп. 50 од Габриел Форе, Концертот за пијано и оркестар бр. 2 во Ге-мол од Камиј Сен-Санс и симфониската скица „Море“ од Клод Дебиси.
Ребека Тонг е резидентна диригентка на Симфонискиот оркестар и уметничка и музичка директорка на Ансамблот за современа музика во Џакарта. Таа ја освои првата награда на „Ла маестра“ во 2020 година во Париз, каде што исто така ја доби и „АРТЕ прајз“. Нејзините настапи вклучуваат дебитантски концерти со Симфонискиот оркестар на Барселона, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, Оркестарот на Париз, Националниот оркестар на Франција, Филхармонијата и Симфонискиот оркестар на Лондон, Камерниот оркестар на Париз, Националниот оркестар на Монпелје, Кралскиот филхармониски оркестар на Ливерпул, Филхармонијата на Би-би-си… Во сезоната 2021/2022 таа дебитираше со Националниот оркестар на Лион, Полскиот национален радиосимфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Порто…
Маестра Тонг во својата биографија запишува и дека била асистентка на диригенти како Мајкл Тилсон Томас и Франсоа Гзавие-Рот, а учествувала и на мастерчасови со врвни имиња како Туган Сокијев, Пабло Ерас-Касадо, Марин Алсоп… Таа е добитничка на наградата „Таки“ во 2019 година и на неколку диригентски стипендии. Активно учествува во конципирање на програмата на Симфонискиот оркестар на Џакарта, со цел да ја запознае индонезиската публика со класични и современи оркестарски дела. Таа е основачка на Младинскиот христијански оркестар на Џакарта (2011). Родена е во музичко семејство, има кинеско потекло и уште од млада возраст ѝ се посветува на музиката и верува во нејзината моќ на поврзување на заедниците.
Ендру фон Ојен е меѓународно признаен пијанист, познат по својата извонредна техника и елегантна изведба. Дебитирал со Филхармонијата на Лос Анџелес на 16-годишна возраст, а оттогаш настапувал како солист со водечки оркестри низ светот, вклучувајќи ги и Филаделфија оркестарот, Симфонискиот оркестар на Лос Анџелес, Берлинскиот симфониски оркестар, Прашката филхармонија, Марински оркестарот, Симфонискиот оркестар на Би-би-си, Симфонискиот оркестар на Токио, Симфонискиот оркестар на Сингапур и многу други. Настапувал во најпрестижните концертни сали, како „Вигмор хол“ и „Барбикан хол“ во Лондон, „Линколн центар“ во Њујорк, „Кенеди центар“ во Вашингтон, Симфониската сала во Бостон, театарот „Тони хол“ во Лос Анџелес, театарот „Хербст“ во Сан Франциско, „Тонхале“ во Цирих, „Ројал опера“ во Версај, „Театро Олимпико“ во Рим…
Роден во САД, со германско и холандско потекло, започнал да учи пијано на петгодишна возраст, а на десет години дебитирал со оркестар. Дипломирал на Универзитетот „Колумбија“ и на школата „Џулијард“, каде што негови наставници биле Херберт Стесин и Џером Ловентал, а работел и со Алфред Брендел и Леон Флајшер. Добитник е на наградата „Гилмор“ (1999) и на Првата награда на натпреварот по пијано „Лени Фе Бланд“ (2001). Денес живее во Лос Анџелес и во Париз и поседува американско и француско државјанство.