фото: Пикселс

Претседателот на САД, Доналд Трамп, најави целосен прекин на трговските односи со Шпанија, откако Мадрид одби да им дозволи на американските сили да ги користат воените бази на шпанска територија за операции поврзани со нападите врз Иран.

 – Шпанија беше ужасна. Му реков на американскиот секретар за финансии Скот Бесант да ги прекине сите деловни односи со Шпанија. Не сакаме да имаме ништо со Шпанија – изјави Трамп на прес-конференција со германскиот претседател Фридрих Мерц, пренесе МИА.

Според пишувањето на Ел Паис, премиерот Педро Санчез одлучил да не одобри користење на американските бази во Шпанија за воени дејствија против Иран, и покрај ризикот од дипломатски тензии со Вашингтон.

Шпанската влада соопшти дека нема да учествува во конфликтот што го предводат Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, оценувајќи дека станува збор за акција без меѓународен правен легитимитет и без мандат од Обединетите нации.

Од Мадрид повторија дека се критички настроени кон иранскиот режим, но дека не поддржуваат воена интервенција без јасна стратегија и широка меѓународна поддршка. Министерот за надворешни работи Хозе Мануел Алварез повика Европа да биде фактор на деескалација, наместо да застанува зад еднострани потези што не се во согласност со Повелбата на ОН.

Министерката за одбрана Маргарита Роблес информираше дека Пентагон, по шпанската одлука, повлекол околу десет авиони-танкери KC-135 од базите Морон и Рота, кои биле распоредени за поддршка на американските операции.

Шпанија се издвојува како една од ретките европски држави што јавно ја осудија акцијата на САД и Израел, додека дел од членките на ЕУ изразија резерви, но покажаа разбирање за целите на нападот.

Владата во Мадрид најави дека ќе продолжи да се залага за смирување на тензиите и враќање на дипломатскиот процес, предупредувајќи дека долготраен конфликт би можел сериозно да ја загрози безбедноста и стабилноста на Европа.