Фото: Собрание

Во рамки на официјалната посета на Македонија, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оствари средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши, на која присуствуваа координаторите и заменик-координаторите на пратеничките групи, шефот на собраниската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, како и генералната секретарка на Собранието.

Гаши, посакувајќи му добредојде на Руте во законодавниот дом, го информираше за актуелната политичка и безбедносна состојба во земјава, во контекст на геополитичките тензии на Блискиот Исток и војната во Украина. Тој ја нагласи посветеноста на Македонија како кредибилен сојузник во рамки на Алијансата, кој активно придонесува за регионалниот и глобалниот мир и безбедност.

Претседателот на Собранието потенцираше дека во време на зголемена глобална неизвесност, од особена важност се блиските односи меѓу сојузниците, одржливиот политички дијалог и заедничката посветеност на меѓународното право и колективната безбедност. Во таа насока, тој истакна дека европската интеграција на земјата и на Западен Балкан не е само институционално прашање, туку и прашање од клучно значење за европската безбедност.

Генералниот секретар на НАТО се заблагодари за гостопримството и ја поздрави посветеноста на Македонија во зголемувањето на средствата за одбрана, оценувајќи дека со тоа земјата ја демонстрира својата подготвеност да ги исполни обврските од членството во Алијансата.

Руте ги поздрави и напорите што земјава ги вложува во обезбедување помош за Украина, нагласувајќи дека со тоа, заедно со останатите сојузници, покажува висок степен на солидарност. Во разговорите било потенцирано и целосното усогласување на Македонија со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како и поддршката на европските одбранбени иницијативи.

На средбата било истакнато дека Македонија, како членка на НАТО во регион каде не сите држави се дел од Алијансата, има значајна улога во промовирањето регионална стабилност и активно учество во мировните мисии на НАТО.

Руте ја нагласи и важноста на парламентите и парламентарците како демократски инструмент во поддршката на државните приоритети, особено во јакнењето на одбранбените капацитети и безбедноста, во согласност со визијата на Алијансата.

Во рамки на посетата, генералниот секретар на НАТО имаше и обраќање пред пратениците на посебна седница на Собранието.