Фото: Собрание

Без разлика од каде сте, од кој дел на трансатланската алијанса доаѓате, стоиме заедно со вас, и заедно ќе бидеме заштитници на мирот и на безбедноста на нашите нации. Северна Македонија има придобивки од ова секојдневно. На пример, авионите од Грција и од Италија патролираат на вашето небо за да бидете безбедни. Ова праќа јасен сигнал дека никој не е сам во НАТО, вашите пријатели и сојузници се секогаш со вас, секогаш кога се соочуваме со насилен свет, истакна генералниот секретар на НАТО Марк Руте во обраќањето пред пратениците, премиерот Христијан Мицкоски, првите луѓе на институциите, верските заедници и дипломатскиот кор во земјава, пренесува МИА.

– Русија продолжува да се заканува на нашиот безбеден свет и притиска со својата воена агресија врз Украина. Русија стана екипа со Кина, со Сверена Кореја и со Иран. И заедно ги шират своите способности да не притискаат уште повеќе. Глобалниот натпревар се интензивира, а сојузниците се соочуваат со постојани закани од тероризам. Иран беше извозник на хаос. Опасноста која што ја претставува Иран е далекусежна. Сојузниците мора да се свесни дека Иран не смее да поседува нуклеарно оружје и мора да обрнеме особено внимание на ова –  рече Руте.

Генералниот секретар во говорот во Собранието се осврна и на финансирањето на НАТО посочувајќи дека тоа е клучно за безбедноста на сите членки.

– Поддржувам што Северна Македонија и сите сојузници што алоцираат повеќе средства за одбраната. И токму затоа е важно да стоиме на нивото на нашата посветеност и клучно е ова да биде споделено и на самитот на НАТО во Анкара во јули – рече Руте додавајќи дека членките треба да останат на ставот од Хаг за зголемување на средствата за одбраната, производството на оружје и продолжување на поддршката за Украина. Особено ја нагласи потребата за одвојување до 5 проценти од БДП до 2035 година за одбраната.

Според него, само заедно „може да останеме на страната на демократијата и безбедноста“.

-Како пратеници сметам на вашата поддршка и на артикулирање на важноста од инвестициите во одбраната – рече генералниот секретар на НАТО.

Руте зборуваше за поддршката што НАТО и ја дава на Украина во војната со Русија, нагласувајќи ги и напорите на американскиот претседател Доналд Трамп, но исто така и дека е јасно оти украинската безбедност е наша безбедност.

-Да не заборавиме дека безбедноста на Западниот Балкан е клучна и суштинска за НАТО. Безбедноста во овој регион е споделена одговорност и ќе сметам на Северна Македонија да води со пример-  рече Руте.

Генералниот секретар, како што кажа, денеска лично посведочил на придонесот што Северна Македонија го дава на за безбедноста во напредните копнени сили на НАТО во Бугарија и во Латвија каде нашите војници помагаат да се одврати агресијата и ја бранат територијата на сојузниците.

-Во соседно Косово вашите сили се дел од мировните мисии под водство на НАТО – КФОР. Денес станавте извозник на безбедност. КФОР придонесе значително за регионалната безбедност, долгорочна стабилност во Западен Балкан. Невољите од минатото мора да ги држиме строго во минатото затоа што реториката која што е без мисла може да биде многу опасна. Ние не смееме да се дозволи да се загрози мирот. Ќе продолжиме да работиме заедно како сојузници и овде особено ја ценам перспективата која што вие и другите сојузници и ја овозможувате на Алијансата, токму како и со нашите партнери ЕУ – рече Руте.

На почетокот на говорот на генералниот секретар на НАТО во Собранието, пратеници од Левица со транспарент изразија несогласување со политиката на НАТО. Руте не го прекина обраќањето, а однесувањето на пратениците рече дека е демократско.