Полициски службеници синоќа привеле турски државјанин на локалниот пат Гевгелија – Граничен премин Богородица, откако при контрола било утврдено дека превезувал мигранти, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Акцијата била спроведена околу 23 часот од страна на полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гевгелија. При сообраќајна контрола било запрено патничко возило „дачија“ со албански регистарски таблички, управувано од Ф.С. (46) од Република Турција.
Во возилото биле пронајдени пет лица мигранти, од кои четворица државјани на Авганистан и едно лице од Турција.
Возачот е лишен од слобода и задржан во Полициската станица во Гевгелија, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

































