ШАХ – МАРТОВСКА РЕЈТИНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ
- Абдусаторов се врати меѓу првите пет кај шахистите, а Асаубајева меѓу врвните 10 кај шахистките. Карлсен и Хоу се водечки во класичен,
забрзан и во брз шах на листите на ФИДЕ за март
Рејтинг-листата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за март, првенствено е обликувана од турнирите „Тата стил мастерс“ и „Челенџерс“ во Вајк ан Зе (Холандија), заедно со неколку швајцарски турнири низ целиот свет, пишува ФИДЕ. И на отворената и на женската листа се забележаа значителни промени. Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов (2.771, плус 20 поени), напредуваше седум места, со што се врати во првите пет кај шахистите, по 19-месечно отсуство, благодарение на победата во Вајк ан Зе. Казахстанката Бибисара Асаубајева (2.516, плус 16) повторно влезе во врвните 10 кај жените по настап на истиот турнир и сега е деветта, напредувајќи за три места.
Девиндја Ошини Гунавардана (2.347) е на врвот на листата на најголеми рејтинг-добитници, по нејзината успешна европска турнеја. Тинејџерката од Шри Ланка освои импресивни 87 поени на два турнира „Шест дена во Будимпешта“ и „Рошфор“, пишува ФИДЕ. Холанѓанецот Жорден ван Форест (2.729, плус 24), Узбекистанецот Јавохир Синдаров (2.745, плус 19) и младиот Јагиз Кан Ердогмуш (2.687, плус 18) од Турција блескаа во Вајк ан Зе, со значителни зголемувања на рејтингот. Сите тројца ги достигнаа своите највисоки позиции во опен-конкуренцијата.
На светската машка рејтинг-листа има мали промени меѓу првите 10, води Норвежанецот Магнус Карлсен (2.840), а тој е прв и на листата во забрзан (2.832, минус 8) и во брз шах (2.869). Кај шахистките прва и понатаму е Јифан Хоу (2.596), која, исто така, е прва и на ранг-листите во забрзан (2.529) и во брз шах (2.521). И на македонската листа нема промени меѓу првите 10, а води ВМ Евгени Романов (2.576). Најмногу поени (13), освои Павел Крстевски (1.966) и се искачи на 83. место. Кај девојките и понатаму води ЖФМ Моника Стојковска (2.075). Македонија, мажи, остана 55-та (2.424, минус 1) меѓу 204 држави, а и Македонија, жени, остана на 72. место (1.919) меѓу 204 шаховски федерации. Најмногу поени (54) освои Елисавета Бурнс (1.565) и од 22. место сега е на 18. Кај мажите први се САД (2.728), пред Индија (2.695) и Кина (2.654), а кај жените води Кина (2.493), пред Индија (2.403) и Украина (2.384). Г.И.
































