Фото: ЕПА

СКИЈАЧКИ СКОКОВИ – СВЕТСКИ КУП

  • Со триумфот во Кулм, со нов рекорд на скокалницата, Превц сега има шест победи по ред во СК, како и пет други скијачи скокачи досега

Домен Превц (Словенија) го заокружи совршениот викенд во Кулм (Австрија) со втора последователна победа во скијачки летови, во рамките на Светскиот куп (СК) сезонава. Двократниот олимписки шампион постави нов рекорд на скокалницата со 245,5 метри, надминувајќи го рекордот од 244 метри поставен од неговиот брат Петер Превц во 2016 година. Второто место го освои Стефан Ембахер (Австрија), а третото Јохан Андре Форфанг (Норвешка).
Ова е шеста победа по ред на Превц во СК, подвиг што го постигнале само пет други скијачи скокачи, и негов тринаесетти триумф сезонава, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Други скијачи-скокачи со по шест победи во низа се Јане Ахонен (Финска, сезона 2004/2005), Мати Хаутамаки (Финска, 2004/2005), Томас Моргенштерн (Австрија, 2007/2008), Грегор Шлиренцауер (Австрија, 2008/2009) и Рјоју Кобајаши (Јапонија, 2018/2019).
– Денес е еден од оние денови што ќе ми останат врежани во сеќавањето. За мене, поезија е кога ќе добиеш заден ветер под скиите. Се чувствувам како пилот и авион во исто време. Таму си, се движиш напред со своето тело, воздухот те крева нагоре и тешко е да се спореди со нешто друго. Очигледно, под целиот притисок од конкуренцијата, тоа добро функционира за мене. Знаев дека денес ќе биде пријатно и дека ќе биде полесно да се слетува. Навистина беше можно да се лета многу далеку – рече Превц, пренесе ФИС.
Превц води во СК со 761 бод предност пред Кобајаши, на осум натпревари до крајот на сезоната (за победа се добиваат 100 поени, за второ место 80, за трето 60…). Следните натпревари се во Лахти (Финска), в петок и в сабота. Н.М.