Фото: „Нова Македонија“

Истрагата против дваесет и петгодишен жител на село Малотино од општина Старо Нагоричане, осомничен за убиство на седумдесет и осумгодишна жителка на село Челопек се проширува за уште едно убиство, изјави обвинителот Љубомир Лапе, пренесува МИА.

-Се спроведува истражна постапка против истото лице, со што фактички се проширува истрагата за уште едно кривично дело – убиство. Согласно Кривичниот законик, тоа претставува кривично дело убиство од член 123 став 3, за кое е предвидена доживотна казна затвор – изјави тој по денешниот брифинг со новинари за предметот.

Обвинителството најави дека во наредните денови ќе биде извршена уште една ексхумација, за уште една жртва за која постои сомневање дека е убиена.

Засега има докази за две убиства, како и за еден обид за убиство, а ДНК анализата ги поврзува случаите со осомничениот Т.Б. кој работел како овчар.

Надлежната обвинителка од кумановското обвинителство, Теута Бедиу Рамадани и обвинителот кој го води предметот, Љубомир Лапе, на денешниот брифинг информираа дека мотивот за убиствата сѐ уште не е утврден и се чека на психијатриско вештачење за состојбата на осомничениот. Тие информираа и дека се издадени наредби до МВР да ги достават сите претходни пријави и поплаки за осомничениот, врз основа на кои ќе се утврди дали имало пропусти во постапувањето.

-МВР доби наредба да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци, сите можни настани врз основа на кои ние понатаму ќе утврдуваме што е пријавено, кој постапил, кој не постапил, додека немаме увид во сите овие материјали не можеме да зборуваме – изјави обвинителот.

Жртвите и преживеаната се од ист регион, а според обвинителството, засега нема докази дека станува збор за сексуално насилство.

Против дваесет и петгодишниот Т. Б., како што информираа претходно од СВР Куманово, биле поднесени и кривична пријава поради постоење основано сомнение дека е извршител на две „тешки кражби“ по член 236 од деловен објект и приватен имот и „кражба“ по член 235 од товарно моторно возило.