ЗАБРЗАН ШАХ
Тони Лазов победи на меморијалниот турнир „Љубомир Илиќ“
Македонскиот шаховски интернационален мајстор (ИМ) и репрезентативец Тони Лазов (2.419 рејтинг-поени) победи на меморијалниот турнир во забрзан шах „Љубомир Илиќ“, кој во чест на овој истакнат македонски ФИДЕ-мајстор (ФМ), кој почина лани, се одигра во хотелот „Континентал“, во Скопје. Судија на турнирот беше интернационалецот Иван Кочовски.
Во конкуренција на 181 учесник (три ВМ, еден ЖВМ, шест ИМ, 15 ФМ) од Македонија, Србија, Италија, Албанија, Грција, Бугарија и од Косово, по 11 кола (со темпо на игра од 10 минути плус пет секунди по секој потег), членот на ШК Алкалоид, Лазов, освои девет поени. Ист број поени имаше и второпласираниот, ИМ од Приштина, Ндереим Сарачи (2.465), но со послаб дополнителен критериум, а трет е ФМ Андреј Велјаноски (2.227) со 8,5 поени, колку што имаа и ВМ Кирил Георгиев (2.568), ИМ Никола Николовски (2.378), ИМ Атанас Кизов (2,325) и ФМ од Косово, Мухамет Аслани (2.297). Г.И.
ОДБОЈКА
Познати се четвртфиналните двојки во Купот на Македонија
Бранителот на трофејот во Купот на Македонија во машка конкуренција, екипата на Штип УГД, ќе игра со Лирија на патот кон фајналфорот во Купот на Македонија за 2026 година, а во женска конкуренција екипата на Наковски Волеј ќе игра со градскиот ривал Струмица жени во четвртфиналната фаза од ова натпреварување. Така одреди полудиригираната ждрепка, во која клубовите беа поделени во два барабана според пласманот на табелата по завршувањето на есенскиот дел од годинашната сезона, велат од Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Кај одбојкарите, ланскиот финалист и актуелен шампион, екипата на Струмица 47/72 во четврт-финалето ќе се сретне со Шкендија, а Работнички 71/22 за ривал го доби Универзитетот во Тетово. Последната двојка кај мажите е ГОК Борец – Сушево. Кај одбојкарките, ждрепката сакаше во четврт-финалето да се сретнат Газели Волеј и Пелистер Волеј, Младост УГД ќе го пречека ланскиот финалист Јанта Волеј КВ, а Работнички Скопје ќе игра со Вардар ЕМ во уште едно градско дерби. Натпреварите се на 4 март, а победниците ќе се пласираат на финалниот турнир, информира ОФМ. Г.И.































