Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека во воздушен напад во Техеран бил убиен иранскиот врховен водач Али Хамнеи.
Според соопштението на ИДФ, нападот бил изведен врз негов централен раководен комплекс во главниот град на Иран, врз основа на, како што наведуваат, прецизни разузнавачки информации, пишува „Ројтерс“.
– Али Хамнеи беше цел во прецизна, обемна операција спроведена од израелските воздухопловни сили, водена од точни разузнавачки информации на ИДФ, додека се наоѓаше во неговиот централен раководен комплекс во срцето на Техеран, каде што беше заедно со други високи функционери – се наведува во соопштението на ИДФ.
Од израелската војска наведуваат дека Хамнеи, кој беше врховен водач од 1989 година, бил директно одговорен за, како што тврдат, насилната репресија врз иранските граѓани, како и за планирање и поддршка на напади против Израел.
– Хамнеи беше архитект на планот за уништување на државата Израел и беше познат како „главата на иранскиот октопод“, кој ги протегаше своите краци низ Блискиот Исток и до границите на државата Израел. Пред сè, меѓу нив беше терористичката организација Хезболах. Врховниот водач на иранскиот режим беше одговорен за терористичките напади против државата Израел, а крвта на многу цивили од целиот свет беше на неговите раце – наведува ИДФ.
Во соопштението се додава дека со оваа операција, како што наведуваат, е ставен крај на едно долгогодишно поглавје во рамки на тековниот конфликт.
– Неговата елиминација се приклучува на серијата елиминации на високи членови на терористичката оска извршени од ИДФ за време на војната – се наведува во соопштението.

































