Соединетите Американски Држави учествувале во утринските напади врз Иран заедно со Израел, потврдил американски функционер за „Тајмс оф Израел“.
Израелски безбедносен извор навел дека станува збор за координирана американско-израелска воена операција која сè уште е во тек, пренесува МИА.
Според непотврдени информации од иранската опозиција, меѓу можните цели на нападите се наоѓа и претседателскиот комплекс во Иран, како и резиденции поврзани со иранското раководство.
Нападите биле насочени и кон локации од кои, според израелските проценки, Иран би можел да претставува безбедносна закана за Израел.
Засега нема пријави за ракетни напади кон Израел, но населението е предупредено да остане во близина на засолништа, иако во моментов не е издадена наредба за нивно користење.
Точното време на почетокот на нападите се разликува според изворите, но најчесто се наведува дека операцијата започнала околу 5.30 часот по македонско време, односно приближно во 7 часот наутро по локално време во Техеран.

































