Фото: Царинска управа

Секторот за контрола и истраги при Царинската управа откри и пресече обид за шверц на 4.800 пакувања никотински кесички, со вкупна вредност од околу 1,2 милиони денари. Против осомничениот ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело шверцување, предвидено и казниво според Кривичниот законик, пренесува МИА.

Од Царинската управа информираат дека лицето било запрено од мобилен царински тим при контрола во внатрешноста на државата, веднаш по влезот преку граничниот премин Табановце. При проверката биле пронајдени 4.752 пакувања никотински кесички и дополнителни 48 пакувања никотински кесички снус, кои содржат никотин и тутун. Стоката, како и возилото, биле одземени, а осомничениот бил приведен на разговор кај инспекторите за истраги.

-Во предистражната постапка е утврдено дека стоката требало да му биде предадена на лице за кое Царинската управа минатата година поднесе кривична пријава за прикривање стоки, кои се предмет на шверцување – цигари без акцизни маркички и царинска измама – прецизираат од Царинската управа.

По комплетирањето на истрагата, против осомничениот ќе биде доставена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство за сторено кривично дело шверцување.