Галеристите во шок!
Експертите од париската галерија „Кабинет де Бајзер“ беа изненадени од откривањето редок цртеж од германскиот ренесансен уметник Ханс Балдунг Грин, кој исто така соработувал со Дирер. Откриениот портрет од 1517 година, кој бил во алзашко семејство од неговото основање, ќе биде понуден на аукција во „Лефевр и Асосиес“ во Париз на 23 март и е проценет на околу три милиони евра. Цртежот од германскиот ренесансен уметник Ханс Балдунг Грин е откриен откако повеќе од 500 години стоел недопрен во дрвена кутија, а француска уметничка галерија утврдила дека станува збор за вистинско богатство. Портретот на жена, создаден со сребрено пенкало, датира од 1517 година и е во алзашкото семејство на портретираната жена, Сузане Фефингер, од неговото создавање.
Ренесансниот уметник Балдунг се смета за значаен колку што е идиосинкратичен. Тој станал познат по своите сцени со Падот на човекот, искрени прикази на светци и драматични сцени на вештерки. Високиот олтар на катедралата „Фрајбург“ во Јужна Германија се смета за врв на неговото рано творештво. Балдунг е роден во 1484 или 1485 година и работел како сликар, цртач и бакар-гравер. Неколку години соработувал со сликарот Албрехт Дирер во Нирнберг. Балдунг го поминал поголемиот дел од својот живот во Стразбур, каде што починал во 1545 година.
Патрик де Бајзер од париската галерија „Кабинет де Бајзер“ го опишува откривањето на цртежот како „шок“.
– Цртежите на Балдунг се исклучително ретки – рече тој, додавајќи дека само неколку се во приватни колекции. Семејството му се обратило со барање да ја испита сликата, за која не знаело ништо.
Делото сега ќе биде понудено на аукција на 23 март во аукциската куќа „Босант Лефевр и Асосиес“ во Париз. Де Бајзер ја проценува нејзината вредност меѓу 1,5 и 3 милиони евра. Алзашкото семејство имало голем број слики во својата обемна семејна архива. Неколку десетици од нив, од далечни предци, биле чувани во дрвена кутија – меѓу нив и портрет што сега е идентификуван како дело на Балдунг Грин.

































