Фото: Официјален фејсбук профил

Компаниите кои во 2023 година уплатија средства во буџетот врз основа на Законот за данок на солидарност ќе добијат назад половина од тие средства во март оваа година. Ова го потврди министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната собраниска седница, одговарајќи на прашање поставено од пратеникот Љупчо Пренџов, пренесе МИА.

Министерката пред пратениците истакна дека половина од уплатените три милијарди денари ќе бидат вратени следниот месец, а втората рата е предвидена за март 2027 година, модел кој бил прифатен од најголемиот дел од компаниите.

– Како што најавивме, половина од уплатените три милијарди денари ќе бидат вратени во март. Процесот за да се организира целата постапка беше тежок, но Министерството за финансии беше транспарентно и во постојана комуникација со приватниот сектор. Требаше да се воспостави комуникација со сите компании, па најпрво одлучивме да воспоставиме комуникација со стопанските комори, каде разговаравме за нашите размислувања и предлози, а потоа да донесеме заеднички пристап. Во август 2025 година, Владата нè задолжи како Министерство за финансии да испратиме официјални дописи до сите 156 компании, со барање да се произнесат за моделот на враќање на средствата. Нашиот предлог беше враќањето да се реализира на две рати, првата во март 2026 година и втората во март 2027 година, предлог којшто најголемиот дел од компаниите го прифатија. Месец март е избран затоа што во тој период се поднесуваат завршните сметки и се плаќа данокот на добивка, а со оглед на тоа што данокот на солидарност по својата природа е сличен, целта беше да се совпадне периодот со можност компаниите да извршат пребивање на обврските – посочи министерката Димитриеска-Кочоска.

Таа потсети дека Законот за данок на солидарност беше донесен во 2023 година, а на 5 февруари 2025 година Уставниот суд го поништи, со што се создаде ситуација во која преку неуставен закон беа собрани средства што веќе биле потрошени.

– Факт е дека беа собрани три милијарди денари од приватниот сектор со Закон за којшто се знаеше дека ќе падне. Факт е дека тие средства беа потрошени, оставајќи сериозни обврски што денес оваа Влада ги сервисира. Очигледно беше дека предлагачите знаеле дека изборите во 2024 година ќе ги изгубат и дека некој друг ќе треба да се грижи за враќањето на средствата – рече министерката и нагласи дека оваа Влада не донела ниту една ад-хок одлука, ниту мерка што би ги оптоварила дополнително компаниите или граѓаните.

Во завршното обраќање, Димитриеска-Кочоска подвлече дека буџетот е стабилен и добро менаџиран:

– Буџетот е во одлична кондиција затоа што, како што рече, „ние одлично го менаџираме“ – истакна Димитриеска Кочоска.