Фото: Александар Николоски/Фејсбук

Следната недела започнува реконструкција на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, прва од неговата изградба, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, пренесе МИА.

Според Николоски, преземени се активности и аеродромот е легализиран, што, истакнува, беше тежок процес.

– Реконструкцијата ќе биде прва од тој тип од неговото градење. До скоро беше нелегален објект, го имавме пред нас, но на хартија го немаше. Успеваме да го легализираме, што е срамно за државата еден од двата аеродроми да го немаш на хартија. Тоа беше тежок процес затоа што треба да впишете цела инфраструктура. Но тоа е завршено и следно е реконструкцијата што ќе донесе повеќе летови и патници и очекувам туристичкиот дел да се насочи таму, а бизнис делот да доаѓа во Скопје, истакна синоќа вицепремиерот Николоски во поткастот на ТВ Сител – соопшти Министерството за транспорт.

Николоски потсетува дека се работи на договор во авиосообраќајот со Саудиска Арабија и оти очекува да се воспостави директна линија меѓу двете земји.

– Веќе поминавме протокол за договор со Саудиска Арабија, очекуваме во следниот месец да го преговараме, да го потпишеме и да имаме директен лет од Саудиска Арабија до Скопје од еден од тамошните аеродроми – рече Николоски, оценувајќи дека авиосообраќајот се развива значително во изминатата година и половина и оти се воспоставени 23 нови дестинации од домашните аеродроми.