Фото: Министерство за спорт

ВО ПРЕСРЕТ НА ЗПОИ 2026

  • На ЗПОИ 2026 Јовановски ќе се натпреварува во дисциплината слалом, класа седење ЛВ11

Македонскиот параолимпиец Зоран Јовановски, кој ќе ја претставува Македонија на Зимските параолимписки игри (ЗПОИ) во Милано и Кортина д` Ампецо, и членовите на македонската параолимписка делегација вчера остварија средба со државниот секретар во Министерството за спорт, Сашо Огњеновски. Јовановски испишува историја во македонскиот спорт како прв македонски параолимпиец што ќе настапи на зимски параолимписки игри, информираат од Министерството за спорт. Учеството на ЗПОИ 2026 тој го обезбеди со вајлд-карта доделена од Интернационалниот параолимписки комитет (ИПОК). Упатувајќи честитки за постигнувањата и желби за успешен настап на нашиот прв параолимпиец на ЗПОИ, Огњеновски ја истакна важноста на овој настан за македонскиот спорт.
– Ова е историски ден за македонскиот параолимписки спорт. Зоран Јовановски со својот труд, посветеност и храброст испиша нова страница во спортската историја на Македонија. Горди сме што првпат ќе имаме претставник на зимски параолимписки игри. Му посакувам успешен настап и достојно, храбро и со срце да ги брани боите на Македонија на големата олимписка сцена – рече Огњeновски, пренесе Министерството за спорт.
Јовановски испиша историја и во 2024 година, кога дебитира на трки од календарот на Светската скијачка федерација, потврдувајќи дека со континуирана работа и поддршка, македонските спортисти можат рамноправно да се вклучат на најголемата меѓународна сцена, информираат од Министерството за спорт. На ЗПОИ 2026 Јовановски ќе се натпреварува во дисциплината слалом, класа седење ЛВ11. Г.И.