ФЕЉТОН „ОД МИТРОВДЕН ДО ЃУРЃОВДЕН“ (13)
Македонскијот род славјански го познаваме за старовременски Славјани полострофски местни жители оти се, тики историјата от македонскиве Славјани се зафакат уште од зачалото со славјанскијот род. Затова кја кажуваме за од началото славјанско за да ја исправиме историјава, за да ја суредиме инаку, ка што било да кажеме… – Пулевски
Во својот грандиозен труд „Славјанско-македонска општа историја“, Ѓорѓија М. Пулевски прави смел и револуционерен обид за своето време да ја дефинира позицијата на македонскиот народ во светската историска рамка. Неговата основна теза, изложена уште на почетокот од капиталното дело, е дека македонскиот славјански род не е некој нов или дојден елемент на Балканот, туку претставува „старовременски Славјани“ и „полострофски местни жители“. Пулевски инсистира на тоа дека историјата на македонските Славјани е нераскинливо врзана со самиот зачеток на целиот славјански род, поставувајќи го македонскиот идентитет како еден од темелите на човечката цивилизација воопшто. Како да чувствувал длабока одговорност да ја „исправи историјата“, свесен дека без пишани траги, споменот за јунаштвото на предците избледува.
„А старовремското насељеније македонско било от три нареченији. Двете нареченији биље славјански, а едното било арнаутско. Тики славјанските нареченији се вељеље: едното се вељело теменидско, а другото се вељело пеонидско. А теменидското насељеније живувало на југо-истока во јематиска страна, во низския крај, до Солунскаго Морског Заљива, околу Вардар (Аксија) и околу Бистрица и Јеригона реки. А пеонидското насељеније живувало кон истока и кон северо-истока во Македонија. А арнаутското насељеније живувало на исток до Црно Море, а сето насељеније арнаутско се вељело Траки, тики от Траките се изводит Тракија. А меѓу старовременските македонски Славјани никаква смеса немало, чисти Славјани сите си биље и со одсобен дух и нараф имаље меѓу них.“ – Пулевски
Понатаму, Пулевски ја разгледува внатрешната структура на македонското население во антиката. Тој прави јасна дистинкција помеѓу трите главни „нареченија“ или групи: двете славјански (Теменидско и Пеонидско) и едното арнаутско (тракиско). За него е од пресудна важност да нагласи дека „меѓу старовременските макьедонски Славјани никаква смеса немало“. Тие биле „чисти Славјани“ со особен дух и карактер. Тој со гордост истакнува дека Грците ги нарекувале Македонците „Варвари и Авари“ не поради недостиг од култура, туку токму затоа што Македонците биле „поодлични, помужествени и похрабри“, предизвикувајќи завист кај своите соседи. Овој дел од неговата историја служи како моќен одговор на хеленистичките влијанија, враќајќи го достоинството на македонското име преку потенцирање на неговата изворна војничка супериорност и етничка чистота.
Пулевски ја дефинира Македонија не само како територија туку и како вековна држава што опстојувала уште од „пиитическите времиња“. Споменувањето на Тројанската војна и загинувањето на царот Пелимен е круцијален доказ за него дека македонската држава била активен чинител во светската историја илјадници години пред Христа. Со тоа, тој ја поставува основата за разбирање на македонското царство, кое официјално се консолидира во 9 век пред Христа под династијата на Теменидите, кои пак влечат корени од самиот Херакле. Пулевски со својот специфичен јазик и непоколеблива верба создава еден историски наратив што треба да послужи како темел за национално будење, потсетувајќи ги сите Македонци дека нивниот корен е длабок, славен и непобедлив.
„А Макьедонското Царство се основало во девето стољетије пред Христа, а за основатељот от Макьедонското Царство историци различно писаље. Едни казаље за основатељот царствен бил царев Аргосов роднина. А за името от првијот цар макьедонски и за неговите посљедоватељи никакви доказателства от туѓи историци не се наодит забељежено. Заре сите историци, по Христа посље, зафатиље да пишет различни истории… “ – Пулевски
Во својата визија за македонската историја, Ѓорѓија М. Пулевски не се задржувал само на воените подвизи, туку настојувал да го исцрта и физичкиот и духовниот простор на татковината. За него, Македонија е простор со јасно дефинирани, иако огромни граници, кои во антиката ја правеле една од најголемите и најмоќни држави во „Западна Азија и на Полостроф Балкански“. Географскиот опис што го дава Пулевски е фасцинантен по својата сеопфатност, наведувајќи ги планинските гребени како природни „основи“ што ја делат територијата на многубројни области, меѓу кои ги среќаваме Пелагонија, Дарданија, Тракија, Мизија, па сè до делови како Шумадија и Епир. Пулевски со прецизност ги наведува границите на македонската држава, кои според неговите извори допирале до четири мориња. На запад таа се протегала до Јадранско Море и Далмација, на север до бреговите на Дунав, на југ до Јонско и Егејско Море, додека на исток нејзините меѓи биле Црно Море и Босфорот. Овој широк географски зафат не е само сувопарно набројување туку доказ за државотворниот капацитет на македонските Славјани. Авторот посочува дека иако планинските врвови често претставувале „големо препјатствие“ за државно соединување, тие истовремено биле и бедем што го штител македонскиот дух од туѓи влијанија. Тој ја нагласува и улогата на реките како Вардар (Аксија), Бистрица и Јеригона, околу кои се развивало македонското население, поделено на Темениди и Пеониди…
„За грчко пизмење против старите Македонци: А старите Македонци оти биле по одљични и по мужествени и по храбри и не страшљиви ни от кого, затова грците им вељеље Варвари и Авари. Тики спроти верно доказателство се познават, рекол историкот, оти македонските цареви Геркуља си го имаље за от свој родов началник…“
М-р Никола Ристевски
(продолжува)


































